Само со лична карта низ Балкан – Владата ја усвои информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/22 7:20 PM

Само со лична карта низ Балкан – Владата ја усвои информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење

Владата на денешната 95. седница ја разгледа и ја усвои Информацијата за склучување на Договорот за слобода на движење со лични карти во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот.

Договорот ги опфаќа сите шест земји од регионот и тоа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, во рамки на Берлинскиот процес воден од принципите на правото на ЕУ, европските вредности и добрата пракса на ЕУ.

-Договорот предвидува исти услови за влез, транзит, излез и краток престој на физичките лица, односно на носителите на лични карти. Со склучувањето на овој Договор се потврдува изразената подготвеност за зајакнување на регионалната соработка и меѓусебното разбирање, што ќе придонесе за економскиот развој, зголемување на економскиот раст, инвестициите и вработувањата во Западен Балкан. Исто така, земени се предвид заклучоците кои лидерите ги донесоа во рамките на Берлинскиот процес, истакнувајќи ја визијата за просперитет за луѓето од Западен Балкан, со цел да ги уживаат истите слободи, како и европските граѓани, информираат од Влада.

Соопштуваат дека воедно земена е предвид и Декларацијата на лидерите од Западен Балкан за заедничкиот регионален пазар како катализатор за подлабока регионална економска интеграција кон единствениот пазар на Европската Унија, донесена на Самитот на лидерите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, реализиран во Софија на 10 ноември 2020 година.