Агенцијата за катастар и недвижности веќе неколку дена е во тотален колапс, односно воопшто не функционира и не може да се издаваат документи.
Страницата не е во функција и не може да се извршуваат електронски услуги.
Според неофицијални информации станува збор за хакерски напад на Агенцијата, кој ја пореметил целата работа. Ова наводно се случило во саботата и уште трае, но дека цела среќа што беше продолжен викенд, па не создало толку голем проблем кај граѓаните.
За проблемот ни потврдија и дел од вработените.
-Во сабота дојдовме на работа и од кај 10 часот ни рекоа да си одиме, бидејќи настана голем проблем, кој се уште трае. Што точно се случува не знаеме, ни рекоа некои од вработените.
ММС се обрати во кабинетот на директорот, со оглед на тоа што проблемот се уште не е решен и што денес е веќе работен ден и граѓаните имаат потреба од нивните услуги, но од таму не препратија во ИТ секторот.
-Уште се прават анализи за издавање на документи и очекуваме овој проблем што побргу да биде надминат, ни рекоа од Катастар.
На прашањето на ММС дали станува збор за хакерски напад, како што се зборува, официјално не сакаа да ни го потврдат тоа.
-Во текот на утрешниот ден се очекува да бидеме комплетни и ќе имаме комплетна слика за се, па ќе информираме, ни рекоа кусо од ИТ секторот на Агенцијата, избегнувајки да кажат дали навистина станува збор а хакерски напад.
Од опозицијата, пак, оваа состојба ја поврзуваат со вчерашната објава на, според нив, аферата „тајни имоти“, во која, како што велат, 123 функционери на власта кријат имот од 30 милиони евра.
(В.М.)