Антикорупциска го запре постапувањето за набавка на 200 000 кинески антиковид-вакцини со посредничка фирма од Хонг Конг, немало штета по буџетот – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/22 12:52 PM

Антикорупциска го запре постапувањето за набавка на 200 000 кинески антиковид-вакцини со посредничка фирма од Хонг Конг, немало штета по буџетот

Антикорупциската комисија денеска на седница одлучи да го запре постапувањето по пријавата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ за договорот на Владата за набавката на 200 000 вакцини против КОВИД-19 од кинеската компанија „Синофарм“ во 2021 преку посредничка „фантомска“ фирма „Стабри интернешенл“ од Хонг Конг.

„Иако во јавноста провејуваше дека ова е нелегално, реално во Македонија тогаш немаше законска основа. Владата донела одлука на затворена седница и го задолжила министерот за здравство Венко Филипче. Тој постапил, префрлени се парите за набавка на вакцини, но по реакција на кинеската страна, парите се вратени. Нема штета на буџет и ние како комисија нема што повеќе да правиме односно немаме основ да доставиме во Јавното обвинителство. Затоа предлагам Комисијата да го запре постапувањето по овој предмет, рече Горан Трпеноски, член на ДКСК.

Антикорупциската се обратила до Владата и Министерството за здравство за да им ја достават целата документација од која се потврдило дека бил склучен договор со посредничка фирма за набавка 200 000 дози вакцина од „Синофарм“.

„Од документацијата може да се заклучи дека Владата преку министерот за здравство има склучено договор со „Стабри интернешенл“ и се исплатени средства на „Стабри“. Но, кинеското МНР не дозволува склучување договори преку посредници односно приватни компании, а ние дури во април ги донесовме измените за да може да се набавуваат вакцини преку фирми кои немаат претставништво во Македонија. Парите биле платени во февруари, но по реакција на кинеската страна, парите се вратени на сметка на Министерството за здравство до 1 март. Владата на 16 март го задолжила Министерството за здравство да ги прекине сите активности поврзани со набавката на кинеските вакцини преку посредничката фирма од Хонг Конг, појасни Трпеноски.

За сумата колку е платено, рече, јавно не може да каже бидејќи Министерството за здравство договорот го има како класифициран, но ако се реализирал, како што рече, тогаш вакцините ќе чинеле дупло.

За наводите во однос на банкарската гаранција издадена од „Дојче банк“ за склучување на договорот за купување на кинескте вакцини преку посредничкото правно лице Трансбордер во име на „Стабри интернешенл“, рече дека не можат, т.е. немаат алатки ниту ингеренции да проверат дали таа е фалсификат или не. СВИФТ-от што им го доставила опозициската партија и кој, наводно е од „Дојче банк“, ќе го достават до Финансовата полиција за да утврди дали е оригинал.

Со утврдување на оригиналноста, може да се потврди, рече Трпеноски, дека „12 и нешто милиони долари кои се дадени како банкарска гаранција, наводно од фирма во Германија, се платени на македонски граѓани односно не само на македонски граѓани туку  беа обвинети и функционери“.

Инаку, откако Владата на 16 март 2021 го задолжила Министерството за здравство да ги прекине сите активности за набавка на вакцини од „Синофарм“ преку „Стабри интернешенал“, постапката течела по редовен пат со кинескиот производител и беа набавени вакцините.

Трпеноски во врска со овој предмет додаде и дека на тогашниот министер Венко Филипче и на тогашниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири, им биле одредени прекршочни платни налози, кои се платени, поради тоа што не биле на време доставени бараните информации за достава на материјали од затворени владини седници во однос на набавката на вакцини преку договор со фирмата посредник.

миа