-Ова не е заложништво, никого не сме натерале со сила и не се 20 туку 200 возачи. Ова не е штрајк, навистина спонтано и поради незадоволство сме тука. Сами се организиравме. Дојдовме на работа со празни стомаци, а со празен стомак не се работи. Сите сме професионалци, кои треба да бидат сконцентрирани на работата, сепак, возиме патници. Проблеми имаме на работа, проблеми дома со жена и со деца. Што ќе им однесеме дома? Јадење? Не е ова штрајк, спонтано се собравме. Бараме само да се исплати платата, а во наредните месеци да бидат редовни. Ако не повторно ќе се собереме. Се додека не се исплати платата ние ке бидеме во гаража, сите вработени од трите смени, рече Африм Муча, претседател на ензависен синдикат на возачи.
„Со празен стомак не се работи“ – Вработените во ЈСП не отстапуваат од барањата за редовна плата
Вработените во ЈСП не отстапуваат од барањата за исплата на заостанатата плата, во спротивно протестот ќе профолжи и Скопје и понатаму ќе нема градски превоз.
Африм Муча, претседателот на независниот синдикат на возачи вели дека вчера протестирале, а утрово спонтано се собрале.
-Незадоволни сме од менаџерскиот тим, не е исплатена септемвриската плата. Од четири утрово сме тука и протестираме, рече тој.
Од ЈСП испратија соопштение во кое велат дека дваесетина луѓе ги држат во заложништво скопјани и ЈСП.
-Од утринава, дваесетина луѓе од ССМ и т.н. независен синдикат на ЈСП спречуваат возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк. Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот. Поради ова, Град Скопје ќе ги почитува законските мерки и ќе поднесе соодветни кривични пријави против лицата кои го попречуваат редовното функционирање на јавното претпријатие и го држат во заложништво Скопје и скопјани, велат од ЈСП и додаваат:
-Уште вчера Град Скопје подготви одлука за пренамена на средства со кои ќе се обезбеди исплата на последната плата која доцни 5 дена поради неисплата на долгови кон претпријатието од страна на Министерство за образование и општините. Апелираме до членовите на управниот одбор на ЈСП да постапат согласно нивните законски обврски, во спротивно ќе бидат дел од кривичната пријава поради незаконско организирање на штрајк и попречување на работата на претпријатието, информираат од ова ЈП.
На ова Муча вели дека ова не е заложниство, и дека не се 20 возачи туку 200.