Голем предизвик е на 17 години да бидеш дел од „Макфест“, вели Мелани Тарчуловска – ММС
ММС

Објавено на: 10/20/22 3:03 PM

Голем предизвик е на 17 години да бидеш дел од „Макфест“, вели Мелани Тарчуловска

Млада и полна со енергија младата Мелани Тарчуловска полека но сигурно го пробива својот пат на македонската музичка сцена. На само 17 години викендов Тарчуловска ќе учествува на култниот фестивал „Макфест“, за кој вели дека и претставува голем предизвик.

– Сепак живееме во мала држава и капацитетот за некој од нас музичарите да се покаже на поголемо ниво се токму ваквите фестивали, така да сметам дека ова за мене е добра отскочна даска, вели Тарчуловска.

За  фестивалската песна „Con el diablo“ Тарчуловска вели дека произлегла спонтано. Музиката и текстот се нејзини, а се потрудила се да звучи како што треба, модерно, со не толку слушнат звук.

– Имав нецелосна песна, готови ми беа само некои моменти од рефренот. Си реков дека можам ова да го вклопам заедно со строфите и да звучи феноменално. Сето тоа го правев во доста брз временски период затоа што во последен момент се одлучив за учество, во последен момент ме фати еуфорија и се се случи спонтано, вели Тарчуловска.

Спотот за песната и е сниман со Урбан рекордс и ќе излезе на 23 октомври, а вели дека го завршиле брзо и апсолутно како што очекувала, по нејзина мерка.

За тоа дали во работата и помага мајка и, познатата Соња Тарчуловска, Мелани вели дека таа е нејзиниот најголем критичар и поддршка.

– Таа ми е водич низ целата оваа приказна затоа што сум се уште на почеток и премногу сум млада за да избрзувам со работи, времето е пред мене. Имам доста новитети што сакам да ги споделам со публиката, доста интересни звуци, така да таа ми е тука за се што ми е потребно, инспирација ми е и поткрепа и како родител и како музичар кој знае како одат овие работи, вели Тарчуловска.

Најавува дека работи на повеќе проекти, а брзо по „Макфест“ ќе извади и нова песна, како што вели доста различна од оваа.