Дури 95% од пациентите кои беа примени во Клиника Жан Митрев беа со најтешка клиничка слика и со сатурација која се граничи со линија меѓу живот и смрт. Во оваа клиника доаѓаа најтешките пациенти кои веќе биле третирани во други установи и кои беа во крајно влошена состојба.
Во првото интервју дадено за порталот мкд.мк д-р Митрев говори за состојбата на пациентите кои беа примени во клиниката и како беа третирани.
„Процентот на излекувани пациенти кои сега се дома со своите семејства е 75%. Тоа се пациентите примени со тешка клиничка слика и многу низок процент за можност за преживување. Споредено со официјалните статистики за вкупна смртност во Македонија на целокупната популација на заразени пациенти е 51%. Во нашата болница, на всушност селектирани пациенти лечени во интензивна нега смртноста е 25%. Овој факт зборува за успешноста на клиниката, на лекарскиот тим и третманот применет кај компликациите од ковид-19 инфекцијата. Во Клиничката болница Жан Митрев беа примени на лекување вкупно 1.738 пациенти, од кои 625 беа подложени на ковид-19 третман, односно 35% од вкупниот број на примени пациенти. Сите тие беа по строга медицинска индикација на доктори специјалисти за интензивно лекување и анестезија. Сите тие се и официјално едуцирани за примената на оваа метода во лекувањето. Па, ако требало да правиме бизнис со хемофилтрација, како што се обидуваат да нѐ обвинуваат, тогаш логично би било да сме ја примениле кај сите пациенти 100%!?“, вели во интервјуто д-р Митрев.