Речиси 100 деца починаа од акутна бубрежна инсуфициенција од почетокот на годинава во Индонезија, информираше денеска претставник на Министерството за здравство.
Здравствени претставници во Гамбија неодамна соопштија дека деца починале од акутна бубрежна инсуфициенција, откако биле лекувани со сируп на база на парацетамол, што се користи за намалување на треската, јавија дел од британските медиуми.
Откриено е прекумерно ниво на диетилен гликол и етилен гликол во четири сирупи произведени од Мајден фармацеутикалс од Њу Делхи, што се продаваат во Гамбија.
Тие лекарства, според претставници на индонезиската Агенција за храна и лекови, не се достапни во Индонезија. Но, оттогаш забранета е употребата на овие состојки во сите медицински сирупи наменети за деца.
Претставничката на Министерството за здравје, Сити Надја Тармизи изјави дека идентификувани се 189 случаи на акутна бубрежна инсуфициенција меѓу индонезиските деца, мнозинството под пет години. Од почетокот на годината регистрирани се 99 смртни случаи.
Здравствените власти минатата недела појаснија дека формиран е стручен тим за истражување на порастот на случаи на акутна бубрежна инсуфициенција кај децата. Во него има претставници на Министерството за здравство, Индонезиската педијатриска асоцијација и на Светската здравствена организација.
Министерството за здравство тврди дека разговара со експерти на СЗО, кои ги истражуваат случаите во Гамбија.
МИА