Највисоката жена на светот за првпат патуваше со авион, јавува Агенција Анадолија (АА).
Румејса Гелги, која е запишана во Гинисовата книга на рекорди за нејзината висина од 2,15 метри, можеше да го реализира своето патување откако авиопревозникот „Туркиш ерлајнс“ претвори шест седишта во авионот во носилки.
Гелги мораше да патува со носилки поради Виверовиот синдром, генетско нарушување кое се карактеризира со брз раст. Таа обично се движи со инвалидска количка, но понекогаш оди на кратки растојанија.
Дваесет и петгодишната девојка, која работи како развивач на софтвер, сакаше да отпатува во САД за да соработува со „Гинис“ за некој настан и поради развој на својата професионална кариера.
Гелги за новинарите на аеродромот во Истанбул изјави дека е многу возбудена што првпат патува со авион и дека овој лет е важен за пациентите како неа на кои им е потребна носилка.
„Ова ќе биде мојот прв лет, како и мое прво патување во странство. Но верувам дека ова искуство ќе биде прво за многу поединци, не само за мене. Бидејќи, како што знаете, опцијата да патувам како патник на носилки е генерално резервирана за пациенти кои се префрлаат од една единица за интензивна нега во друга.
„Ова е алтернатива за пациенти кои се препраќаат од една во друга болница и имаат потреба од брза помош. Меѓутоа, бидејќи не можев да седам долго време поради мојата сколиоза (искривувањето на ‘рбетот), морав да летам на носилки“, рече таа.
Гелги живее во Карабук, Туркије, околу 200 километри северно од главниот град Анкара. Таа вели дека ја користи титулата светски рекорд за да се залага и да ја подигне свеста и за Виверовиот синдром и за сколиозата.
Во Туркије живее и највисокиот човек на светот: Султан Косен, кој е висок 2,51 метар.
ИЗвор и фото: Агенција Анадолија