Здружението „Иван Михајлов“ е должно да ги отстрани спорните елементи што предизвикуваат вознемирување, утврди КСЗД – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/22 1:17 PM

Здружението „Иван Михајлов“ е должно да ги отстрани спорните елементи што предизвикуваат вознемирување, утврди КСЗД

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на здружението Културен центар „Ванчо Михајлов“ – Битола.

КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на Здружението да врши дејствија спротивни на Законот.

Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ е должно во одреден рок да ги отстрани сите спорни елементи во статутот и програмата, што предизвикуваат вознемирување, утврди Комисијата и препорача до Министерството за правда во даден рок да изврши надзор над законитоста на примената одредба на Законот за здруженија и фондации.

Како што информираше Весна Бендевска, членка на Комисијата, на денешната прес-конференција, по постапувањето Сојузот на борците – ОО Битола, побарано е образложение од Здружението „Иван Михајлов“. Од таму посочиле дека се регистрирани согласно Законот, а Централниот регистар ги регистрирал на 15 март во 2019 година.

– Укажуваат дека ги поседуваат сите потребни документи и упатуваат дека одлуката на Уставниот суд од 2000 година, со која било укинато здружението „РАДКО“ од Охрид, била поништена од страна на Судот во Стразбур и оти очекуваат и ние да ја утврдиме и отфрлиме оваа претставка, рече Бендевска.

Како што информираше, КСЗД оствариле средба и со министерот за правда, барајќи објаснување како е дозволено да се регистрира ова Здружение, со оглед на тоа што Законот вели „Доколку името на Здружението содржи име на историска личност, доколку нема живи наследници до трето колено, Министерството за правда е должно да даде согласност, односно Управен акт“.

– Наместо тоа, во 2019 година Министерството издало известување дека не поседува регистар на историски личности и не може да даде согласност. Од друга страна, Централен регистар без согласност како управен потребен документ за регистрација на Здружение со желба да не спречи право на слобода на здружување дозволува регистрација, појаснува Бендевска.

Таа истакна и дека Комисијата упатила барање, согласно Закон до Институтот за национална историја, во врска со отворениот предмет за стручно мислење на ликот и делото на Иван Михајлов.

Добиеното мислење, потпишано од академик Драги Георгиев гласи „Имајќи го предвид горенаведеното институтот смета дека именувањето на каков било центар, клуб, здружение со името Иван Михајлов, претставува провокација, бес, преседан и навреда за македонскиот народ, бидејќи со пропагирање на неговиот лик и дело, се пропагираат и неговите наредби за физички ликвидации, соработка со нацистичка и фашистичка идеологија и неговото седумдецениско негирање на посебноста на македонскиот народ“.

Ова, како што вели Бендевска е доволно релевантен документ за да се утврди дека постои дискриминација.

– Цело вознемирување започнува со отворање на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола. Извршивме увид и констатиравме дека сите содржини што постојат во внатрешноста се во функција на промоција на Иван Михајлов. Тоа што го утврди Комисијата и го посочува е дека Регистарот во моментот пред да го издаде решението ги имал овие документи и го издал решението, наведувајќи ги целите и задачите на здружението, заборавајќи да го погледне статутот како основен документ за формирање на организацијата, појаснува таа.

Заклучи дека со регистрација на ова Здружение се упатува дека државата не направила доволно напори да спречи повреда на основното чувство на човеково достоинство на голема група граѓани, врз национална и етничка припадност, бидејќи целите на здружување на здружението се сосема спротивни од тоа што значи слобода на здружување.

– Секоја институција е должна да ги почитува одредбите од Законот. Дополнително упатуваме дека правото на слобода на изразување и мислење и правото на здружување е несомнено, но завршува во оној момент кога ќе почне да ги повредува правата и слободата на другите лица, додаде Бендевска.

Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците – ОО Битола од народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 година.

На отворањето на Здружението Културен центар „Иван Михајлов“ во април оваа година во Битола присуствуваше дел од државниот врв на Бугарија.