Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски имаше кинопремиера во Србија, првин во култниот Културен центар на Белград, потоа во Нови Сад, а понатаму се прикажува и ширум земјата.
„Врба“ на кинорепертоарот во Србија доаѓа две и пол години по фестивалската премиера на белградски ФЕСТ – премиерата во српските кино-сали беше закажана за почетокот на 2020, но беше одложена поради ковид пандемијата. Дистрибутерот Ванс филм вели: „На публиката ѝ останавме должни, ама успеавме да го победиме ковидот.“ Манчевски одржа и голем мастерклас на Факултетот за драмски уметности во Белград, како и разговори со публиката во Белград и Нови Сад.
Одзивот во српските медиуми беше огромен. Тие во бројните интервјуа по повод кинопремиерата на „Врба“ го најавуваат Манчевски како „легендарен режисер“, „имагинативен и комплексен автор со префинет и истражувачки дух“. Тој е исклучително ценет и почитуван во Србија, а минатиот месец ја доби и наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за придонес кон светскиот филм.
„Врба“ доби високи оценки од српската филмска критика: „По Кишловски, Манчевски можеби најмногу истражува на полето на судбината, метафизичкото и ирационалното, кои го диктираат битието и силно ја одредуваат судбината на херојот“, вели критичарот Горан Јовановиќ и додава: „ …Авторот вешто го користи своето докажано мајсторство за детали, чувство за уверлива слика и симболични и субверзивно-критички слоеви, Манчевски ни подари уште една скапоцена и емотивно обоена драма…. Манчевски уште еднаш ја докажа својата исклучителна сензибилност, префинет пристап кон темите кои се некако древни и вкоренети во земјата (каде луѓето меѓу земјата и Бог често се како немоќни марионети, кои некој ги движи во судбинска игра) и способноста да плете напнато и возбудлив драмски мозаик“.
„Визуелно раскошен филм“, вели критичарката Дубравка Лакиќ во „Политика“.
„За жените Манчевски има направено повеќе од многубројни феминистки“, смета тв новинарката Тања Петернек.
Во десетина големи интервјуа српските медиуми го распрашуваат Манчевски за неговиот авторски процес, за неговото толкување на современите општествени токови, за животот меѓу Њујорк и Македонија, за холивудскиот период…
Во интервјуто за „Данас“, тој вели: „Не ги делам луѓето на машки и женски, на кирилица и латиница. Секоја личност е различна, а секој драмски лик е посебен, ако знаете добро да го извајате. Не ми е важно дали филмскиот лик е маж или жена, барате што е посебно во него, што го прави вреден да биде во вашата драма, во вашата приказна. Ми се допаѓаат жените, тие се поинтересни, побогати, покомплицирани, подлабоки“. „Циничен човек би рекол дека прашањето на правата на малцинствата и на жените – барем во Америка и Англија – го киднапирале луѓе на кои им е најважно на другите да им кажат како да го живеат својот живот, што смеат, а што не смеат да кажат, да мислат и да прават, луѓе на кои контролата врз другите им е поважна одошто причината зошто тоа би го правеле. Едвај чекам на некоја прес конференција да ме прашаат зошто стрејт глумец глуми хомосексуалец, па да го прашам новинарот (или твитер-воинот) дали е тоа помал грев одошто богат глумец да глуми сиромашен човек.“
За „Блиц“, пак, Манчевски изјави: „Уште како гимназијалец научив да се борам за својата авторска слобода, против цензура и туѓа контрола. Комунистичката цензура не беше полоша од оваа денешнава или од холивудската. Европските фондови денес имаат свои идеолошки барања кои најчесто не се артикулирани, туку се само во главите на бирократите кои одлучуваат кој филм ќе постои, а кој нема. Да, мојот авторитет, ама – повеќе од тоа – мојата упорност и, верувам, вредноста на материјалот секогаш ги победуваат бирократите и цензорите, ама тоа е битка од која ти побелува косата. Јас само така умеам. Нема никакво задоволство во тоа да им удоволуваш на некреативните авторитети.“ „Кајмак тргна од мојата потреба да снимам романтичен филм за возрасни, каде нема да се фолираме во стилот на холивудска лимонада или евтини ТВ серии. Направивме љубовен филм за возрасни со навистина комплексни љубовни односи.“