ОЈО Скопје постапува по кривичната пријава за претресот во Управата за финансиска полиција – ММС
ММС

Објавено на: 10/5/22 5:56 PM

ОЈО Скопје постапува по кривичната пријава за претресот во Управата за финансиска полиција

ОЈО Скопје постапува по кривичната пријава за злоупотреба на службена должност при претресот извршен на 18 јули годинава во Управата за финансиска полиција од страна на ОЈО – ГОКК.

Како што информираат од ОЈО Скопје на денешниот брифинг со новинари, веќе се прибрани материјални докази и сослушан е подносителот на кривичната пријава, а во следните денови ќе се испитаат и пријавените лица.

Од ОЈО Скопје посочуваат дека станува збор за пријавени лица и сега за сега не се сослушани други, за што на крајот одлучува обвинителот кој постапува.

Подносител на пријавата е Управата за финансиска полиција, а оштетено лице е Арафат Муареми.

– Пријавено е дејствието на злоупотреба на службена должност во контекст на нешто што не било созреано за претрес и немало таква документација за претрес, а е направено. Како аргументација кон пријавата е посочен и извештајот од надзорот и тоа што се случувало таму, појаснуваат од ОЈО Скопје.

Управата за финансиска полиција на 8 август годинава, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против обвинителките Вилма Русковска, Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, за„злоупотреба на службена положба и овластување“  при претресот во Управата за финансиска полиција извршен на 18 јули годинава.