(видео) Браната Кнежево одолеа на летните горештини и климатските промени – ММС
ММС

Објавено на: 10/4/22 10:56 AM

(видео) Браната Кнежево одолеа на летните горештини и климатските промени

Осум месеци откако Штип, како најголем потрошувач се приклучи кон ХС „Злетовица“, браната Кнежево каде се акумулира водата, е со стабилен капацитет. Со ова се потврдија и проекциите, според кои, потрошувачката на штипјани, нема значајно да се одрази на издашноста на системот. Во моментот исполнетоста на браната е 74% и во неа се акумулирани 17 милиони кубици вода. Деновиве (третата декада од септември), при посетата на браната Кнежево од раководителката на одржување Елена Досевска добивме потврда дека по сушните јуни и јули изминатото лето и врнежливиот август, состојбата на браната е речиси идентична како и претходната година и покрај секојдневното задоволување на потребите на штипските потрошувачи.

-Со приклучување на општина Штип како потрошувач, што е пофалба за „Злетовица“, бидејќи браната е проектирана за целокупниот систем, да се водоснабдуваат сите шест општини – тука ќе ги споменам веќе постоечката Пробиштип, Свети Николе веќе пие вода од браната, сега Штип а во следниот период ќе се приклучат и Лозово и Карбинци. Значи, таа е димензионирана и проектирана да ги задоволи потребите на сите општини, така што во однос на нивото на водата немаме некој проблем Штип како потрошувач, сето тоа е предвидено и задоволува како капацитет, изјави Елена А. Досевска.

Браната Кнежево е лоцирана во чист планински предел и се полни со водите на Злетовска река и нејзините притоки. Реката извира од високите планински врвови на Осоговието, предел којшто и летно време е под снег. Тоа ја прави издашноста на реката и е гаранција дека и во најсушните периоди и кога сите општини ќе бидат приклучени на ХС, ќе има доволна количина сирова вода за преработка во филтер станиците во општините, кои се опфатени со проектот. В.д. директорот Љупчо Благоевски очекува вака акумулираната вода во браната и нејзиното постојано обновување, да биде доволно и за втората фаза од проектот, а тоа е наводнување на земјиштето во пробиштипско.
-Максималната исполнетост на браната Кнежево беше во февруари 2021 година, кога имавме прелив на самата брана бидејќи имаше временска прогноза дека ќе има големи снегови, а тие снегови при топењето предизвикуваат полнење на браната. Тоа е последното. Претходно имавме исто така едно полнење максимално, кое исто така одеше на прелив. Инаку, секогаш браната си оди со контролиран испуст, а како што гледате и сега, ние испуштаме со малку поголема количина за да можеме да ослободиме простор поради претстојниот есенски период и зимски, којшто треба да ги прифатат водите од изворите на Злетовска река и сливното подрачје, кажа Љупчо Благоевски, в.д. на ЈП ХС „Злетовица“.

Од контролната соба на хидросистемот, каде раководителката Досевска ги презентира моменталните состојби со браната, неминовно е прашањето за проекциите за последиците од климатските промени врз идашноста на браната.
-Па да очекуваме дека нема да има некоја значајна последица бидејќи самата вода си го прави доброто. Дополнително, со доброто менаџирање се предвидува предвреме колку вода ќе користат сите општини, така што рационално се троши водата, наменски се троши, од акумулацијата се пушта доволно количина на вода за да го задоволи водоснабдувањето на општините и секако биолошкиот минимум, што е наша обврска и мора да го има.

Од браната Кнежево со вода за пиење се снабдуваат жителите на Штип, Пробиштип и Свети Николе. Во наредниот период се очекува да се приклучат општините Карбинци и Лозово, кои во споредба со веке приклучените, имаат далеку помали потреби.
Пред десетина дена, приклучувањето на последните две општини беше на редовна седница на владата, која даде одобрение за отпочнување на постапки за повеќегодишни јавни набавки за реализација на активностите за општините Свети Николе и Лозово.


-Реализацијата на активностите од прва фаза – водоснабдување од Проектот ХС „Злетовица“ за општините Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово е со цел да се обезбеди чиста вода за пиење и целосно подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на овие општини. Во исто време, проектот ќе обезбеди одржлив систем за долгорочно профитабилно функционирање на ЈП ХС „Злетовица“ – Пробиштип, заклучија членовите на Владата.