Високата цена на струјата го зголеми интересот на граѓаните и компаниите да постават фотоволтаични централи. Сепак, за да се монтираат централите на сонце, пропишана е административна процедура. Во зависност од тоа како систем едно домаќинство има намера да постави – во или вон мрежа, се и цените. За системот кој нема да биде во мрежа цената е меѓу 5.500 и 6.500 евра, додека хибридниот, кој ја внесува струјата во мрежата на ЕВН и до 16.000 евра.
За последниот, хибридниот, кој на домаќинството му обезбедува струја од мрежата на ЕВН, од батерија и од сонце, има пропишана административна процедура, која почнува од општината преку ЕВН, па РКЕ и на крај МЕПСО, објаснува Ристо Гацев од компанијата „Елмотерм“.
-Револтиран сум од неколку општини. Уредбите од Министерството за транспорт и врски се многу јасни кои елаборати треба да се добие решение за градба – архитектура, електрика и статика за да се добие решение за градба. Меѓутоа, има општини кои бараат елаборат за животна средина потпишан од министер. Има општини кои бараат противпожарен заштитен елаборат на централа на кои нема ниту еден кабел на самиот објект, туку целата инсталација е надвор од објектот. Такви кочници има во самите општини! Целиот процес се кочи, рече Гацев во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
Гацев апелира до сите општини што побрзо да го решава предметот. Според него има општини за два и пол дена го издаваат решението, а има општини кои повеќе од година го влечат решението.
-Има општини што се преоптоварени, имаат многу предмети, но во малите места има проблеми од незнаење на самиот раководител што точно му треба и тој се плаши да даде решение. Имавме општини што осум месеци не успеавме да извадиме решение поради елаборат за влијание на животна средина, изјави Гацов.
Колку чини инвестицијата?
Има два вида на системи што можат да се постават во домаќинствата – во мрежа и вон мрежа.
Офгрид (вон мрежа) значи систем што не е на мрежа туку е издвоен за што гарантира компанијата која го изведува.
-Сите се фокусирани на онгрид системите, кои се далеку поевтини. Ги немаме прописите , законот постои и е за 6 киловати и до 40 киловати за мали правни лица, што е добро. За домаќинствата 6 е малку, според мене требаше 10. Во Србија е 10 киловати. Грубо пресметано, овој систем ќе даде околу 8.000 киловат часови годишно. Зимските месеци произведува пет пати помалку од летните. Последните три години се форсираше енергетска ефикасност на домаќинствата, кои инвестираа во топлински пумпи, климатизација, греење и ладење со висока енергетска ефикасност, но сите три уреди трошат електрична енергија. Сите инвестираа. Од 10.000-12.000 евра е една топлинска пумпа за куќа од 100-200 квадрати, која троши од 3-6 киловати на час. Домаќинствата кои инвестираа во топлински пумпи зимскиот период трошат до 1500 и 2000 киловат часа. Замислете колкава цена е во четвртиот блок, колку пари се тоа. Шест киловатен систем не може да ви даде повеќе од 350-400 киловати. Кога ќе се одземат од 2000 по 14 денари, тоа се веќе страшни сметки за струја, пресмета Гацов.
Тој смета дека треба најмалку 10 киловати за домаќинствата, а РКЕ може да го ограничи влезот во мрежата до 4 киловати, но да дозволи поставување и до 15 киловати, но во мрежата да не пушти повеќе од пет. Значи да го лимитира домаќинство, а да не ограничи каков систем ќе стави.
Поевтината варијанта е онгрид систем, кој е едноставен има панели, кабли, инвертор како главен уред за претворање на енергијата во наизменична и се закачува на истиот разводен ормар каде се осигурувачите.
-Еден таков систем од 5.000 – 6.500 евра во зависност од опрема и од тоа која компанија го монитра. Има банки кои даваат кредитни линии како Прокредит само за фотоволтаици. Државата дава субвенции до 1000 евра за систем. Овие системи од 6 киловати нема многу да придонесат за домаќинствата кои трошат меѓу 1000 и 2000 киловати. Тие киловати што ќе бидат предадени на ЕВН, нема да може да компензираат.
Хибридниот систем е со цена од 16.000 евра
Хибриден систем, како што објаснува Гацов е со фотоволтаик, мрежа до ЕВН и батерија. Сите три се систем на хибриден инвертор. Тие системи, како што вели, многу се користат во Европа, особено во Италија во последно време.
-Доколку има мрежа и има сонце, се исклучува струјата, батериите се полнат од сонце и навечер ако не може батеријата да постигне, влече од електричната мрежа. Овој систем чини околу 16.000 евра, што е сериозно скап систем за едно домаќинство, изјави Гацов во „Стадион“.
Според груби пресметки, до сега поставените фотоволтаични централи од страна на домаќинствата и компаниите произведуваат од 150-200 мегавати струја.