Саем на граѓански организации и социјални претпријатија, се подготвува и закон за нив – ММС
ММС

Објавено на: 09/24/22 3:45 PM

Саем на граѓански организации и социјални претпријатија, се подготвува и закон за нив

На платото пред Центарот на социјални претпријатија во Скопје денеска се одржа Саем на граѓански организации и социјални претпријатија, во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија” на кој околу 100 организации ги презентираа своите занаетчиски производи, како накит, мебел, ламби, облека.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи порача дека социјалното претприемништво како посебна форма на претпремништво чија цел е создавање на социјална еднаквост и заедништво, се фокусира на многубројните социјални еколошки и општествени предизвици.

– Креираме солидарно едно општество за сите, општество кое интегрира, нуди можности, се грижи и поврзува. Пред една година го отворивме Центарот за социјално претприемништво коj е тука за вас и овозможува системска поддршка на новите и постојните социјални претпријатија, бидејќи тие се клучни во решавање на предизвиците на локално ниво поврзани со сримаштијата, невработеноста и други социоекономски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи на граѓани, рече Битиќи.

Тој нагласи дека Владата прави напори да создаде што е можно поповолни услови за развој на општеството и за создавање на можности за промени.

– За време на целата криза повикувам на солидарност, да не ја забораваме никогаш, посебно не во оваа криза. Сите компании кои можат денеска да видат пример во сите овие компании, генерирање на големи профити на грбот на нашите граѓани и сограѓани не само што не е солидарно, туку ќе се преслика во лицето на нашите идни генерации кои во нас гледаат за пример – нагласи Битиќи.

Саемот го отвори амбасадорката на Швајцарската Конфедерација, Вероник Улман која нагласи дека граѓанското општество нуди поддршка, им помага на јавните институции онаму каде што е потребно.

-Да се постигне ова треба да се консолидираат платформи и механизми за стратешки дијалог со државните институции, да се развијат силни мрежи во целата држава и регионот и да се поттикнува колективна работа и активности – потенцираше Улман.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во својот говор истакна дека во ЕУ социјалните економски претпријатија сочинуваат десет отсто од сите бизниси. Тринаесет милиони луѓе, што значи шест отсто од вработените во ЕУ, како што посочи, работат токму во социјалните претпријатија.

– Во Северна Македонија социјалното претприемништво е во својата почетна фаза, основата е веќе воспоставена, стратегијата е усвоена, Нацрт законот е подготвен, значи сега е време да се тргне понапред. ЕУ ја обезбедуваа оваа помош и ние веќе помогнавме со националната стратегија со Нацрт законот и воспоставување на центрите за поддршка. Обезбедуваме финансиски средства и услуги за совети за да се развие социјалното претприемништво уште повеќе – рече Гир.

Саемот е во организација на проектот на ЕУ „Поддршка на социјалните претпријатија”, имплементиран од Ептиса, Барка и Екорис, каде корисник е Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Цивика мобилитас.