Со домаќинско работење градинките ќе имаат пари да ја менаџираат зимата, вели Тренчевска – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/22 1:20 PM

Со домаќинско работење градинките ќе имаат пари да ја менаџираат зимата, вели Тренчевска

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во Штип изјави дека доколку градинките работат домаќински, ќе имаат средства добро да ја менаџираат зимската сезона.

– Градинките плаќаат електрична енергија како домаќинствата, значи не плаќаат индустриска струја. Обврска на МТСП е да обезбедува блок дотации за платите на сите вработени во градинките и дел за материјалните трошоци, а за останатото, обврските се на основачот, значи на Општината. Општината е таа која треба да се грижи за трошоците, а дополнително градинката има и сопствена сметка од средствата што ги уплатуваат родителите на децата во градинката, така што со домаќинско работење мислам дека ќе имаат пари за да изменаџираат добро во текот на зимската сезона, нагласи Тренчевска, одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дали се подготвени градинките за претстојаната зимска сезона со оглед на состојбата со енергетската криза.

На новинарско прашање дали ќе се направат корекции на цените за градинките, таа одговори дека за тоа одлучуваат општините, односно советите на општините.