Војната во Украина ќе трае до 2030, а тогаш ЕУ ќе се распадне – Црни предвидувања на Виктор Орбан – ММС
ММС

Објавено на: 09/19/22 9:42 AM

Војната во Украина ќе трае до 2030, а тогаш ЕУ ќе се распадне – Црни предвидувања на Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан предвидува дека војната во Украина ќе трае до 2030 година, а  таа година, според него, ќе се распадне и ЕУ.
Орбан минатата недела одржа состанок зад затворени врати на неговата партија Фидес во Кочен, а сега протекоа детали од средбата. Извор за Слободна Европа, кој бил на состанокот, рече дека Орбан верува оти Украина во војната може да изгуби една третина од територијата, а конфликтите, по вина на Западот, може да траат уште осум години.

-Таа војна беше локална војна, но западот интервенираше и ја претвори во глобална. Сега со санкциите не си пука во стапалото, туку во белите дробови – го цитирал Орбан извор од средбата.

Според неговите зборови, унгарскиот премиер предвидува дека поради енергетската криза предизвикана од санкциите може да се затвори до 40 отсто од европската индустрија. Преговорите на европските лидери за продолжување на санкциите против Русија за уште шест месеци се очекуваат наесен, а Орбан вели дека треба да се направат напори тоа да се спречи.

– Премиерот на Унгарија е свесен дека засега е речиси сам меѓу лидерите на земјите членки на ЕУ, но, осврнувајќи се на италијанските избори во септември, истакна дека новата влада во Рим ќе го поддржи. Според Виктор Орбан, прифаќањето на санкциите укажува дека Европа нема лидер кој ги препознава интересите на континентот и постапува соодветно. Ангела Меркел беше таква – пренесе тој извор.
Шефот на унгарската влада изјави и дека ЕУ може да се распадне до 2030 година.

-Тој зборуваше и за тоа дека до 2040 година муслиманските мигранти ќе бидат мнозинство во француските градови и дека тоа може да се случи дури и во главните градови на ЕУ. Во тој случај, односите на Унгарија со тие престолнини мора да се преиспитаат, бидејќи прашање е како една земја може да се нарече европска, ако домородните европски националности се ограничени на неколку населени места и малцинства во неа – го раскажува говорот на Орбан изворот на Слободна Европа.

Затоа унгарскиот премиер смета дека е неопходно да се сврти кон Вишеградската група во која покрај Унгарија се и Словачка, Чешка и Полска.

– Орбан смета дека Вишеградската четворка ќе биде силен центар на моќ до распадот на ЕУ во 2030 година. Тој призна дека соработката сега е во криза поради војната, но тврди дека е можно да се надмине, особено што на либералните влади во Братислава и Прага не им оди добро и не е невозможно наскоро двете земји да имаат лидерство со кое Фидес може да формира сојуз – рече тој е изворот на Слободна Европа.

Фото: Твитер