Продажбата на билети за последниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација од групата 3 во Лигата на нации против Бугарија, на 26 септември на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, ќе почне в понеделник.
Како што денеска објави Фудбалската федерација на Македонија, билетите ќе се продаваат по цена од 250 и 350 денари за Северната и Јужната трибина.
Продажбата на билети ќе се организира исклучиво преку продажната мрежа на MKTickets со физичко присуство на купувачите, а електронска продажба на влезници нема да има.
Едно лице ќе може да купи најмногу четири билети.
Влезниците ќе се продаваат во Скопје, Велес, Прилеп, Куманово, Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Струмица и Радовиш.
– Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на „Рисовите“ да дојдат до победа на последниот натпревар од групата во Лига на нации, објави ФФМ.