Во Драч запленети над две илјади тони нафта прошверцувана од Либија – ММС
ММС

Објавено на: 09/13/22 1:08 PM

Во Драч запленети над две илјади тони нафта прошверцувана од Либија

Во најголемото албанско пристаниште Драч запленет е танкер кој превезувал 2.275 тони нафта од Либија во Албанија.

– Кодираната операција „Ринг“ беше финализирана по неколкумесечна истрага од страна на Одделот за криминалистичка полиција во државната полиција, локалната дирекција на полицијата и граничната полиција Драч, со поддршка на поморската капетанија и крајбрежната стража, под раководство на Обвинителството на судскиот округ Драч, соопшти полицијата.

Според истиот извор уапсени се четири лица, на возраст од 25 до 54 години, а меѓу нив и капетанот на бродот.

Шест други лица ( соработници),  сите либиски државјани ќе се бранат од слобода.

Како материјален доказ полицијата го запленила танкерот, нафтата и неколку мобилни апарати.

Материјалите се предадени на Обвинителството во Драч за натамошно постапување, за сторени кривични дела „Криумчарење стока за која се плаќа акциза“, „Складирање или депонирање на шверцувана стока“ извршени во соработка.

МИА

Фото: Принтскрин Јутјуб