Сите имаат извонредни резултати, но некои мора да бидат добитници, рече Нацева за доделување на  државната награда „8 Септември“ – ММС
ММС

Објавено на: 09/6/22 1:13 PM

Сите имаат извонредни резултати, но некои мора да бидат добитници, рече Нацева за доделување на  државната награда „8 Септември“

Претседателката на Одборот за доделување на  државната награда „8 Септември“ Гордана Нацева денес на прес-конференција го образложи изборот на годинашните добитници.

– Одговорност и чест е да се изберат добитниците на оваа награда која е многу значајна за нас спортистите и спортските работници. Заедно со Стручната комисија и луѓето од Агенцијата за млади и спорт следејќи ги процедурата и правилникот и законот, уверена сум дека изборот помина во најдобар ред. Сите кандидатите имаат извонредни резултати, но некои мора да бидат наградени.

Имаше 18 апликации, шест за животно дело и 12 за останатите четири награди.

– Немавме големи дилеми. Ја користевме експертизата од стручната комисија која помогна, но сепак одборот кој брои 13 члена ја донесува одлуката. Сметам дека во една пријателска и отворена атмосфера се избраа добитниците. Верувам дека вистинските ја добија наградата, додаде Нацева.

Наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмациајта и промоцијата на Република Северна Македонија на меѓународен план се доделува на Чедо Николовски.

Наградата, пак, со која се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот се доделува на Атанас Костовски, Зоран Карановиќ, Стојан Андриевски и Ацо Јорданов.

Честитки до сите добитници упати директорот на АМС Наумче Мојсовски.

Свечената церемонија на доделување на наградите ќе се одржи на 8 септември (четврток) во Собранието на Република Северна Македонија во 12 часот.