Во Скопје ќе се нудат решенија за војната во Украина: Утре доаѓаат над 300 учесници на конференција за комуникатори на НАТО – ММС
ММС

Објавено на: 09/4/22 3:00 PM

Во Скопје ќе се нудат решенија за војната во Украина: Утре доаѓаат над 300 учесници на конференција за комуникатори на НАТО

Почнувајќи од утре, Министерството за одбрана и Армијата ќе бидат домаќини на најголемата конференција за комуникатори на НАТО.

Оваа конференција, како што информира денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на едно место ќе собере над 300 учесници од земјите членки на НАТО и партнерите кои ќе разговараат на теми поврзани со стратегиските комуникации, односите со јавност, информациските и психолошките операции.

– Ќе биде отворена интелектуална, политичка и стратегиска дебата од која треба да произлезат идеи и практични решенија за отворените прашања од областа на стратегиските комуникации како алатка на лидерите како поддршка во напорите на Алијансата за одбрана и одвраќање на сите потенцијални безбедносни предизвици во НАТО земјите членки, рече Петровска во изјава по брифингот со новинарите во Министерството за одбрана.

Во наредните денови учесниците ќе дискутираат за информациските активности за време на руската инвазија врз Украина, соработката со партнерите во оваа област, новиот стратешки концепт на Алијансата и дигиталните комуникации. На различни локации во Скопје ќе се дебатираат различни теми, ќе се нудат решенија и ќе се вкрстуваат ставови.

На оваа конференија, како што додаде министерката, ќе се водат важни разговори што ќе ја диктираат нашата иднина и иднината на Алијансата и на која ќе биде демонстрирана волја за зајакнување на меѓусебните дијалози на највисоко ниво, реафирмирана намерата за зајакнување на взаемната доверба за реализацијата на заедничките цели за стабилен просперитетен, безбеден евроатлантски простор.

– Ние како НАТО сме обединиети не само во потрагата по вистината, туку и во систематско и континуирано справување со дезифнормациите кои се обидуваат да го поткопаат системот и да внесат страв кај граѓаните. Во таа борба НАТО комуникаторите ја имаат главната улога во пренесувањето на пораката на НАТО и справувањето со лажните вести, нагласи Петровска.

Директорот на комуникации во Сојузничката команда за операции во НАТО Џеј Џанзен се надоврза дека станува збор за конференција на која ќе има претставници од 30 земји членки сојузници кои се тука да го демонстрираат единството и кохезијата на земјите членки на НАТО во Северна Македонија.

– Ние во НАТО знаеме и сакаме да комуницираме преку споделување пораки. Нашите пораки се навистина важни. Една од работите на која сакаме да се фокусираме е и војната во Украина, војна во која имаме еден агресор, во кој едно од оружјата кои се користат се и дезинформациите. Во рамки на нашите комуникации забележуваме дека комуникацијата се користи како оружје не само во Украина, туку и во нашите земји членки со користење на лажни информации и дезинформации кои се споделуваат на нашата територија, рече Џанзен.

Затоа  „сметаме дека треба да го прикажеме нашето заедништво и да кажеме што нам ни е важно како НАТО” –  нагласи тој.