Голем број вработени во јавниот сектор се дискриминирани – реагираа денеска од Сојузот на синдикати на Македонија од каде соопштија дека поднеле тужба против Владата.
– Владата не постапи во целост согласно Закон за измени и дополнување на Законот за минимална плата објавен во Сл. весник бр. 41 /2022година со кој е утврдена висина на минимална плата во износ од 18000 денари во нето износ, што преставува зголемување од 18,4 проценти во однос на вредноста на предходната минимална плата. Согласно член 8 од Законот за минимална плата потребно беше да се усогласат платите на сите вработени со порастот на минималната плата – се појаснува во денешното соопштение од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Платите на другите вработени кои имаат плата под минималната, за дел вработени се усогласени со порастот на минималната плата, а без оправдани причини и спротивно на закон, Владата не го направи тоа за сите вработени во јавниот сектор – посочуваат од Сојузот.
Според синдикалците, паушално и без критериуми платите некаде не се зголемуват воопшто, а некаде се зголемуваат за одредени категории на вработени наспроти други категории на вработени во јавниот сектор за кои Владата е непосреден работодавач.
– Постапувајќи на овој начин Владата го наруши принципот на еднаквост на граѓаните и работниците кој е уреден во член 9 од Уставот на Република Северна Македонија во однос на остварување на нивните права и обврски кои произлегуваат од работниот однос. Токму почитувањето на принципот на еднаквост и недискриминација при остварување на работничките права како најзначаен дел од граѓанските права претставуваат показател дали една држава е демократски ориентирана и искажува еднаква грижа без дискриминација кон сите свои граѓани и работници, потенцираат од ССМ.
Од Сојузот додаваат дека правото на „достоинствена заработувачка, односно заработувачка што обезбедува пристоен животен стандард” е право гарантирано со меѓународните инструменти за човекови права (чл.7 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ООН; Дел 1, точка 4 од Европската социјална повелба), вклучувајќи ги и меѓународните стандарди на трудот (првенствено Конвенциите и Препораките на МОТ).
Правото на „соодветна заработувачка”, е и уставно загарантирано право во РС Македонија, утврдено во чл.32, став 3 од Уставот на Република Северна Македонија . Од 2012 година, ова право, се стекнува со дополнителна поткрепа, преку усвојувањето на Законот за минималната плата – се наведува во соопштението,
Неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, односно одбивањето на Владата да се вклучи во суштествен социјален дијалог за зголемување на останатите плати пропорционално со зголемувањето на минималната плата, информираат од ССМ, е причина и за генерален штрајк во цел јавен сектор кој веќе трет месец трае онаму каде што не се усогласени платите на вработените и за прв пат во историјата на Македонската држава се случува генерален штрајк во цел сектор кој трае толку долго, а една Влада одбива да разговара со претставниците на работниците.
– Владата добро знае дека е должна да постапи и да го примени член 8 од Законот за минимална плата и да ги зголеми платите за износот утврден во последното зголемување на минималната плата за сите вработени во јавниот сектор без дискриминација. Дотолку повеќе што во приватниот сектор особено каде што ССМ има синдикати, приватните работодавачи постапувајќи по законот ги усогласија колективните договори и ги зголемија платите на своите вработени, а истото го сторија и општините, градот Скопје и јавните претпријатија основани од општините и Градот Скопје, а останаа уште оние работници за кои е надлежна Владата како вработените во дел во министерствата и јавните претпријатија за кои е основач Владата, стои во соопштението.
Како што се посочува во соопштението од ССМ, произлегува дека без постоење на реални и оправдани причини, Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија постапи спротивно на Уставот на Република Северна Македонија во кои е уредена обврската за почитување на правото , законите и целосно функционирање на правната држава, односно Република Северна Македонија, Владата на Република Северна Македонија не постапи согласно Законот за минимална плата, другите закони и владеењето на правото и не обезбеди зголемување на платите на сите вработени во јавниот сектор туку тоа го направи само за еден дел од вработените во јавниот сектор во државата.
– На овој начин Владата на Република Северна Македонија како тужена во постапката го повреди правото на еднаков третман и со пропуштање на дејствија и нивно непреземање го повреди правото на еднаквост со што прави дискриминација кон своите вработени. Дополнително, со поднесувањето на оваа тужба, ССМ ќе ги искористи и сите други достапни механизми и ќе поднесе соодветни тужби и пријави пред меѓународните институции за што веќе добиваме помош и поддршка од Европската конфедерација на синдикатите, најавија од ССМ.