Поп-ѕвездата Мадона оваа седмица влезе во историјата како првата музичарка која имала топ-10 албуми во САД во пет различни десетлетија.
Ремикс-компилацијата „Finally Enough Love” се најде на место бр. 8 на овонеделната „Билборд” листа на албуми. Албумот е достапен во стандардна верзија со 16 нумери и во проширено „Делукс”-издание со 50 песни – што го има на дигиталните стрим-платформи, а може да се купи и во пакувања од три ЦД-а или шест винили.
Ова е 23-от албум на Мадона што влегол во топ 10 листите во САД. Поп-ѕвездата, која неодамна го прослави својот 64-ти роденден, првпат влезе во топ-10 со првиот албум „Madonna” во октомври 1984 година. Истата деценија, таа успеа да го направи тоа и со албумите „Like a Virgin”, „True Blue”, „Who’s That Girl” и „Like a Prayer”.
Во 90-тите, таа тoa го повтори со уште седум албуми – „I’m Breathless”, „Erotica”, „The Immaculate Collection”, „Bedtime Stories”, „Something to Remember”, „Evita” и „Ray of Light”. Нејзини шест албуми завршија во првите 10 во првото и уште четири во второто десетлетие на 21. век.
Од овие 23 албуми, девет завршија на првото место: „Like a Virgin” од 1984 година, „True Blue” – 1986, „Like a Prayer” – 1989, „Music” – 2000, „American Life” – 2003, „Confessions on a Dance Floor” – 2005, „Hard Candy” – 2008 „MDNA” – 2011 и „Madame X” во 2019 година.
МИА