За околу 255.000 основци и средношколци денеска почнува учебната 2022/2023 која ќе се реализира без протоколи за заштита од коронавирусот, а ниту учениците ниту вработените во училиштата нема да бидат обврзани да носат маски.
Нвата учебна година за учениците од прво и четврто одделение почнува без учебници. Првачињата и четвртоодделенците ќе учат од материјали кои ги изготвија од Министерството за образование и наука, додека првиот човек во овој ресор Јетон Шаќири денеска се пофали дека заедно со другите надлежни институции работеле за да обезбедат услови за успешно одвивање на воспитно-образовниот процес.
„Први септември означува нови почетоци. Почеток на нови подвизи и нови успеси. Посебно среќен ме прави тоа што новата учебна година ја почнуваме со отворени училишта за учениците и сите ќе се грижиме така и да продолжиме. Им посакувам успешен почеток на учениците, родителите и старателите, на наставниците, професорите, стручните соработници и раководствата на сите училишта“, порача министерот Шаќири, кој на првиот училишен ден од учебната 2022-2023 година јпрво го посети новоизграденото основно училиште „Гоце Делчев“ во општина Илинден.
Претседателот на државата Стево Пендаровски пак, го посети го посети најстарото училиште во нашата држава, ООУ „Свети Кирил и Методиј”, Центар – Скопје и присуствуваше на свечениот прием приреден за првачињата.
На првиот училишен час, тој на првачињата им посака успешна учебна година, изразувајќи уверување дека освен тоа што ќе стекнат нови знаења и искуствa, училиштето ќе им овозможи да воспостават и изградат другарства коишто ќе им бидат исклучително важни во иднина.
Среќен почеток на новата учебна година посака и премиерот, Димитар Ковачевски. Во своето видео обраќање, тој им порача на учениците да веруваат во себе и да не се откажуваат од своите цели.
„Честитки и за родителите и старателите чии деца за првпат оваа учебна година седнуваат во училишните клупи во основните и средните училишта. Честитки и до наставниците за првиот ден од новата учебна година. Вие сте клучот за квалитетно образование. Од вашиот ангажман, зависат постигнатите резултати кај учениците. Затоа бидете нивна поддршка, инспирација и поттик во создавањето на индивидуи кои утре ќе бидат движечката сила и умот на државата“, истакна премиерот.
Поради поскапувањата, дел од општините решија за првачињата да обезбедат ранци, тетратки и училишен прибор, а други пак, обезбедија симболична финансиска поддршка за родителите чии деца тргнуваат во прво одделение. На првиот ден од новата учебна година, возбудата е неминовна како за учениците, така и за родителите. Особено пред низа предизвици се исправени првачињата, кои од денеска за првпат седнуваат во училишните клупи, а возбудата уште утрово лесно можеше да се препознае на нивните лица. Македонски медиа сервис направи обиколка и во продолжение низ нашиот објектив ви ја пренесуваме атмосферата од Основното училиште „Димитар Миладинов“ во Центар, Скопје.
Фотографиите се објавени со дозвола од родителите.