По најавите дека новата учебна година ќе почне без антиковид мерки, дел од родителите побараа да имаат опција за онлајн настава. Во писмено соопштение, тие наведуваат дека бараат ваква опција со цел да се заштити здравјето не само на децата, туку и на членовите на нивното потесно семејство.
Родителите, здружени преку Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“ која брои над 16000 членови веќе го испратиле барањето за онлајн настава до сите надлежни институции како Министерството за образование, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Сепак, тие велат дека наишле на молк од страна на институциите поради што попладнево преку соопштение до медиумите посочија дека се загрижени за здравјето на хронично болните ученици, но и на оние кои имаат хронично болни во семејството.
Според родителите, оваа група е маргинализирана.
-Ние и нашите деца како ранлива категорија имаме право на заштита на нашето здравје, не знаеме која е причината зошто државата не се грижи за здравјето на оваа маргинализирана група која и крајот од краишта и не е многубројна и нема да има никаков негативен импакт во однос на образовниот процес и социјализацијата на останатите деца туку само заштита на животот и здравјето на овие деца и родители кои и онака боледуваат од одредени болести – се наведува во денешното соопштение од загрижените родители.
Членовите на групата „Поддршка за онлајн настава” бараат опцијата онлајн да постои и понатаму и таа да се одобрува одделно од страна на секој директор на училиште.
-Опцијата онлајн исто така ќе биде добредојдена и во периодот на криза која се најавува особено во зимскиот период и ладното време, затоплувањето на училиштата, а и во согласност мерките за штедење на Владата – сметаат родителите.
Тие реагираат дека физичкиот престој без маски во преполните училници со сигурност гарантира заразување на децата, па и на нивните семејства.
„Без разлика што овој сој на ковид е полесен, тој за хронично болните деца и родители може да биде фатален за веќе нарушеното здравје кое го имаат и да не заборавиме дека пандемијата прогласена од Сетската здравствена организација е се’ уште на сила и ковидот постои и состојбата не е под контрола. Да не дозволиме да изгубиме некој наш драг пријател, роднина или недај Боже дете и затоа не треба да постојат импровизации и компромиси кога во прашање е здравјето на оваа ранлива група“, сметаат родителите.
Тие потсетуваат дека правото на здравје е универзално право и неприкосновено, Конвенцијата за правата на детето на ОНН согласно член 3 точка 2 и 3 државите потписнички на декларацијата во кои спаѓа и нашата држава се обврзале:
– Во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето , без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита , судовите, административните органи или законодавните тела.
– Државите членки се обврзуваат на детето да му обезбедат таква заштита и грижа кои се неопходни за неговота благосостојаба, земајќи ги предвид правата и обврските на неговите родители, законските старатели или на други поединци кои се правно одговорни за детето и за таа цел ги правземаат сите потребни законодавни мерки.
– Државите членки се грижат сите институции, служби и установи кои се одговорни за грижа или за заштита на децата да бидат во согласност со стандардите што ги имаат утврдено надлежните органи, особено во областа на сигурноста и здравјето, бројот и достојноста на персоналот , како и на стручниот надзор.