Почина Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз – ММС
ММС

Објавено на: 08/31/22 7:41 AM

Почина Михаил Горбачов, последниот претседател на Советскиот Сојуз

Последниот претседател на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов, почина на 92-годишна возраст по тешко боледување.

Михаил Горбачов беше лидер на Советскиот Сојуз од 1985 до 1991 година и генерален секретар на Комунистичката партија на СССР.

Михаил Горбачов беше избран за генерален секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз на 11 март 1985 година, по смртта на Константин Черниенко.

Горбачов преку процесот на „перестројка“ го започна процесот на реформи кои требаше да ја подигнат советската економија, која почна да стагнира од почетокот на осумдесеттите.

Тој се смета за една од најзначајните политички фигури од втората половина на 20 век. Добитник е на Нобеловата награда за мир во 1990 година, затоа што придонесе за крај на Студената војна и го дозволи повторното обединување на Германија.

По потпишувањето на договорот за крај на постоењето на СССР во 1991 година, поднесе оставка од функцијата претседател.

Противниците на неговата политика го осудуваат за забрзување на распадот на Советскиот Сојуз, што, според нив, доведе до опаѓање на глобалното влијание на Русија и го забрза подоцнежниот економски колапс на земјата.

Американскиот претседател Џо Бајден му оддаде почит на последниот советски лидер Михаил Горбачов, кој почина во вторникот, нарекувајќи го „редок лидер“ и државник кој придонел за „побезбеден свет“.
„Како лидер на СССР, тој работеше со (американскиот) претседател (Роналд) Реган за да го намали нуклеарниот арсенал на двете земји, на големо олеснување на луѓето ширум светот кои се молеа за крај на трката за нуклеарно вооружување. По децении брутална политичка репресија, тој усвои демократски реформи“, вели Бајден во соопштение.
Тој додава дека „неговите постапки беа постапки на редок лидер, лидер кој имаше доволно фантазија да види дека е можна поинаква иднина и храброст да ја ризикува целата своја кариера за да стигне таму“.
„Резултатот беше побезбеден свет и поголема слобода за милиони луѓе“, истакна Бајден.

МИА

Фото: Принтскрин