Детскиот фестивал „Весело штурче“ се враќа во Штип по 25 години – ММС
ММС

Објавено на: 08/30/22 1:18 PM

Детскиот фестивал „Весело штурче“ се враќа во Штип по 25 години

По 25 години пред штипската публика годинава се враќа детскиот фестивал „Весело штурче“. На 29 септември со почеток од 19:30 минути, во НУЦК „Ацо Шопов“ ќе настапат 24 учесници со 22 нови песни, а две од нив се дуетски.
За прв пат годинава на сцена освен традиционалниот детски хор, солистите ќе бидат пропратени од детски бенд.

Еден од иницијаторите за враќање на фестивалот, музичкиот педагог Филип Стевановски, вели дека фестивалот се работи на професионално ниво, се спремаат цело лето и имаат проби три пати неделно.

– Околу продукцискиот дел навистина се трудиме да има современи песни, но и да го вратиме сјајот од она што било на времето. Целата продукција се темели на снимање инструменти во живо, што е навистина напорно, но успеавме да направиме многу квалитетна музика. Има многу автори, дел од нив се веќе добро познати, а дел се нови, ќе видите во текот на фестивалот, вели Стевановски.

Годинава фестивалот нема конкретна тематика, а песничките се со различни содржини.
Целта која ја имале зацртано за формирање на музичка култура и враќање на музичката култура од најмала возраст, директорот вели се остварува бидејќи децата едвај чекаат да дојдат на пробите.

– Ние сакавме да го задрживме нивото на фестивалот од порано, но да вклучиме и од новото време. Сакаме да ги научиме децата на вистински вредности, дека не е вредност компјутерот и таблетот. Децата научија што е студио, како се пее во студио, хорот учи кореографија и навистина им е интересно и се возбудени, рече Стевановски.

Генерални спонзори фестивалот нема, но има повеќе покровители меѓу кои и Општина Штип.

Картите ќе бидат пуштени во продажба во билетарата во штипскиот Центар за култура од први септември, по цена од 250 денари.