Знаци на срцев удар може да се појават неколку дена, па дури и недели пред самиот напад, според докторите и стручните лица.
Што е срцев удар или инфаркт? Тоа е појава во којашто дел од срцевиот мускул не прима доволно крв. Ова обично се случува кога масните наслаги се наталожуваат во крвните садови и го блокира протокот на крвта, па спречува кислородот и хранливите материи да стигнат до срцето. За да се спречи можноста од срцев удар, важен е здравиот начин на живот. Понекогаш е доволна физичката активност и здравата и урамнотежена исхрана, без алкохол, цигари и без стрес.
Следниве предзнаци и симптоми се вообичаени и кај мажите и кај жените: болка или непријатност во градите – обично трае неколку минути, но може да исчезне и да се врати. Непријатноста може да се почувствува како притисок, стегање, чувство на исполнетост или болка сред градниот кош. Натаму, тука е и непријатноста во други делови на горниот дел од телото, како што се – болка или непријатност во грбот, вилицата, стомакот, едната или двете раце. Други знаци на срцев удар се краток здив, ладна пот, гадење и вртоглавица…
Има и рани знаци кои се јавуваат главно кај жените: болка во грбот, вртоглавица, несвестица, болка со притисок среде градниот кош што се шири на вратот, рамињата или вилицата, невообичаен замор, притисок или непријатност во горниот дел на стомакот, нагон за повраќање…
Кои се факторите на зголемена можност за срцев удар? Начинот на живот, болестите или здравствената состојба може да ја зголемат опасноста од срцев удар. Најчестите фактори на ризик се: дијабетес, прекумерно пиење алкохол, присуство на срцеви заболувања во семејството, висок холестерол, висок крвен притисок, прекумерна тежина и дебелина, старост, недоволна физичка активност, пушење, зголемена количина стрес, нездрава исхрана.