„Му ставил дрен наопаку и предизвикал сепса“ – Јован (25) од Берово починал по интервенција на заб во Болницата во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 08/25/22 3:22 PM

„Му ставил дрен наопаку и предизвикал сепса“ – Јован (25) од Берово починал по интервенција на заб во Болницата во Штип

Дваесет и петгодишниот, Јован Димовски од Берово почина од сепса по интервенција на заб направена во Клиничката болница – Штип.

Случајот предизвика лавина реакции во домашната јавност, додека најблиските веќе се простуваат од младиот беровчанец на социјалните мрежи барајќи одговорност од надлежните, откако неговиот живот згасна на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје каде од Штип бил донесен во многу тешка состојба.

-Само во нашата држава, само со нашето здравство, само со нашите “професионални” доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20 годишен стаж да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25 години. СРАМ ЗА ЦЕЛА ДРЖАВА!!! Каде живееме ние, какво здравство имаме, дали веќе еден ден некој ќе одговара за секојдневниот хорот во таа штипска болница. Колку животи згаснаа само поради невнимание. До кога нашиот народ ќе се лекува само со….” како е рекол Бог”…. Дали во 21 век треба да се случи таков срам….Ангелу наш ти почивај во мир, а  тие нема да спијат мирно – се наведува во емотивната објава на Слаџана Ризинска од Берово, со која ММС се обиде да стапи во контакт, но безуспешно.

Од Клиничката болница-Штип во изјава за ММС наведуваат дека изразуваат жалење за настанатиот случај. Од Болницата попладнево го споделија и извештајот од ординирачкиот лекар, во кој се посочува дека пациентот бил примен на Одделот за максилофацијална хирургија на 14-ти август во 01.00 часот.

Според извештајот, Јован имал изразена флегмонозна состојба на десната страна на вратот, со потекло од заб. Ординирана е инфузиона терапија, направена е рендгенска снимка и изрешена е екстракција забот, заради обезбедување на дренажа на гнојната колекција.

-Следниот ден извршена е и инцизија со дренажа. Постинционо, состојбата покажува знаци на  подобрување.  По три дена истиот се отпушта со локален уреден наод и со ординирана терапија за дома како и препорака за контрола. На контролен преглед, локален наод уреден – истакнува лекарот во својот извештајот.

Девет дена подоцна, односно на 23-ти август по 04.40 часот со возило на Итната медицинска помош Берово, Јован е донесен во Штип во тешка општа состојба. Од Болницата соопштија дека тој бил кардиоваскуларно нестабилен, со ниска сатурација, фебрилен, со локален наод – крваво гноева секреција од инцизиона рана на врат како и од устата.

Итно бил внесен во операциона сала и интубиран, по што била започната интревенцијата.

Поради сериозноста на состојбата итно е повикана помош од Универзитетската клиника за максилофацијална хирургија.

-Оперативниот зафат е завршен околу 10 часот. Пациентот е сместен на одделот интензивно лекување поради септичната состојба и понатамошна опсервација. Во раните утрински часови, поради влошување на општата состојба, организиран е итен транспорт на КАРИЛ – се додава во извештајот од лекарот.

 

Вања Мицевска