Спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија се пренесува и во Албанија.
Битката е за етничката припадност на малцинството што живее во областите Голобордо и Гора и барањето за нови општини во двете области, пренесува „Топ чанел“.
Телевизијата ги пренесува ставовите на Васил Стерјовски, претседател на друштвото „Сонце“ и Рази Рама претседател на друштвото „Голобордо“.
– Очекуваме на македонското малцинство да му се додадат уште две општини покрај општина Пустец, која сакаме да го смениме името во општина Преспа. Бараме општина Гора во округот Кукс и општина Голобордо во округот Пешкопеја, бидејќи сметаме дека реформата од 2014 година во овие области пропадна зашто македонската заедница немаше никаква застапеност, вели Стерјовски.
Слично барање, додава телевизијата, имаат и претставниците на бугарското малцинство, чие друштво „Голобордо“ испратило барање до Комисијата за територијална реформа.
-Идентитетот на културната и традиционалната заедница од областа Голобордо е некомпатибилен со другите области од општините Булќиза и Либражд. Во оваа смисла бараме областа Голобордо со трите административни единици Острени, Стеблево и Требиште да биде посебна општина со името општина Голобордо, изјави Рама.
Според Стерјовски, пак, во 2017 година, под притисок на Бугарија, албанското Собрание признало „непостоечко бугарско малцинство надвор од критериумите“.
– Во 2017 година, Собранието, под притисок на Бугарија, која се закани со вето на процесот за членство на Албанија во ЕУ, призна непостоечко бугарско малцинство надвор од критериумите. Притисокот на Бугарија за асимилација на македонската заедница е голем, особено сега кога сме блиску до пописот во октомври, изјавил Стерјовски.
Со територијалната поделба усвоена во 2014 година Пустец е единствена македонска општина во Албанија, додека поранешните општини во Гора се припоени кон округот Кукс додека оние од Голо Брдо (Острени и Требиште) кон Булќиза и Стеблево кон Либражд.
МИА