Кој ќе чекори по црвениот килим? Вечерва почнува Фестивалот „Браќа Манаки“ – ММС
ММС

Објавено на: 08/19/22 8:11 AM

Кој ќе чекори по црвениот килим? Вечерва почнува Фестивалот „Браќа Манаки“

Кинематограферите од светот од денеска до 26 август ќе бидат на Фестивалот „Браќа Манаки“ чие 43. издание ќе се реализира во битолскиот Центар за култура, Офицерски дом, кино „Манаки“ и летна тераса на КИЦ-Битола.

Свеченото отворање е закажано за вечер во 21 часот во големата сала на НУ Центар за култура каде ќе биде поставен црвениот ќилим за ѕвездите на фестивалот, а за публиката на големото платно ќе биде емитуван францускиот игран филм „Мајка и син“ во кој кинематограферка е Елен Луварт.

Оваа година има 14 филмови во главната програма, а меѓу фаворитите за златна „Камера 300“ се филмот „Триаголник на тагата“, кој оваа година на фестивалот во Кан ја доби „Златната палма“, потоа „Алкарас“ кој премиерно беше прикажан на Берлинскиот фестивал и е добитник на главната награда „Златна мечка“, потоа филмот „Вози ја мојата кола“ од 2021 година, кој на Канскиот фелстивал лани ја доби наградата за најдобро сценарио, а потоа доби и многу други награди, меѓу кои БАФТА наградата за најдобар филм од неанглиско јазично подрачје, „Златен глобус“ и „Оскар“ за најдобар интернационален игран филм, но и филмот „Божјата рака“, кој премиерно беше прикажан во Венеција минатата година и доби „Сребрен лав“ од жирито. Во конкуренција се и два македонски филма – „Снежана умира на крајот“, македонско-кипарски филм  и „Мими“, македонско-хрватско-црногорска продукција.

На вечерашното свечено отворање доаѓа Ентони Дод Ментл, добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, а на свеченото затворање на Фестивалот ќе присуствува една од легендите на кинематографијата, Џон Метисон.

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се одржува под покровителство на претседателот на државата и со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.