Хонорарците се категорија која не е на товар на државата и со сопствен труд и знаење се обидува да оствари доход и да опстане, вели даночниот експерт Борче Смилевски зборувајќи за најавеното оданочување на хонорарците. Тој вели нема разлика со она што било најавено во 2014 за време на поранешниот премиер Груевски, кога имаше и големи реакции во јавноста.
– Не велам дека нема простор овде да се размислува, но има многу отворени прашања. Мислам дека се додека не се постигне некој поголем економски напредок, со поголеми стапки на БДП не треба да ги чепкаме хонорарците. Државата нема да добие некој голем ефект, а од друга страна го зголемувате оптоварувањето на оние кои влегуваат во категоријата сиромашни, а не ги чепкате оние кои остваруваат големи профити вели Смилевски.
Даночниот експерт Славко Лазовски, пак ,вели дека има разлика од она што би се правело сега и од она во 2014.
– Во 2014 биле конкретни решенија а ова е само најава бидејќи не знаеме како ќе се оданочува. Инаку ова не е толку даночно прашање, не може некој да биде седум осум години хонорарец. Кога зборуваме за придонесите за социјалното осигурување, тоа исто така се јавни давачки. Оваа криза покажа дека огромни пари требаат во јавното здравство. Придонесот за здравствено прво е многу низок, а од друга страна нас платата ни е основата за оданочување. Свесни сме дека платата е минорна, а кај одредени граѓани околу нас платата е само нешто споредно. Ни треба проширување на даночната основа вели Лазовски.
Смилевски вели дека во однос на хонорарците има некој дел каде намерно се оди со договор на дело со цел да се избегне плаќањето на придонеси. Меѓутоа во овој случај, мисли оти решението на владата сега е оданочување на оние хонорарци кои се самовработени, преведувачи, уметници, лектори, дел од невладиниот сектор.
– Сега тие се под притисок дека ќе плаќаат дополнителни социјални придонеси, прашање е дали е сега време да се направи тоа, вели Смилевски.
Повеќе за новите даночни реформи, кој и што треба да се даночи, слушнете што се зборуваше во емисијата „Стадион“ во видеото во прилог: