Ако возите под дејство на алкохол со концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, или возите под дејство на дроги, психотропни супстанции или прекурзори, или возите во забранет правец, претекнувате колона возила на непрегледно место или возите со брзина која надминува 70 километри на час над дозволената, согласно новиот член 403 во предлог текстот на Кривичниот законик, ќе претставува безобѕирно управување со моторно возило и ќе се смета за кривично дело.
– Учесник во јавниот сообраќај безобѕирно кој не се придржува на прописите за безбедност во сообраќајот и со тоа ќе го загрози јавниот сообраќај управувајќи во состојба на неспособност на возење предизвикана со употреба на алкохол во концентрација од најмалку 1,50 г/промили во крвта, дроги, психотропни супстанции или прекурзори, возејќи во забранет правец, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која надминува 70 км на час над дозволената ќе предизвика опасност за животот или телото на луѓето ќе се казни со парична казна или затвор до три години, предвидува новиот членот 403 од предложениот Кривичен законик.
Од Јавното Обвинителство на Република Северна Македонија за МИА појаснуваат дека дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело.
– Станува збор за кривична одговорност во наведените случаи дури и доколку нема директна штетна последица – предизвикана сообраќајна незгода. Со ова практично дел од дејствијата кои претходно беа прекршочно казнувани сега ќе бидат подигнати на ниво на кривично дело, потенцираат од ЈО.
Оттаму велат дека доколку законот биде усвоен во предложената форма, Јавното обвинителство ќе ги применува новите законски решенија.
Дали овој нов член навистина ќе и послужи на целта и ќе придонесе за зголемување на свеста кај возачите во земјава се прашања за кои МИА побара одговор соговорници кои се надлежни за оваа проблематика.
Овој член е една од новините во предложениот Кривичен законик, кој веќе е објавен на ЕНЕР, а како што најави министерот за правда Никола Тупанчевски, по широката расправа за него, треба да биде донесен до крајот на годината.
Доследна примена на законите и брз и ефикасен судски систем за поголема безбедност во сообраќајот
Адвокатот Амар Ејуп вели дека најбитниот елемент во кривичните дела поврзани со јавниот сообраќај е доследната примена на членовите во законите од страна на сите инволвирани институции, како и побрз и поефикасен судски систем, кој ќе носи пресуди во разумно време.
– За мене во пракса најбитен елемент во овие кривични дела што се против јавниот сообраќај и безбедноста е доследната примена на членовите. И стариот член не дека беше толку неприменлив или лошо напишан, туку доследната примена од страна на МВР, од страна на сообраќајната полиција, увидната, како и доследната примена во однос на пенолошка гледна точка, односно видно од пенологијата, и претходниот член и сегашниот член предвидуваат исти казни, значи до три години затворска казна. Но по мое мислење треба да имаат превентивно дејствие, затоа што кога ќе се извршат ваквите кривични дела повеќе може да се избегнат, не со закана на високи казни туку со јавно информирање на луѓето дека јавниот сообраќај е средство, општо добро, а не дивеење, изјави за МИА адвокатот Амар Ејуп.
Според него, доследната примена на законот ќе доведе до повеќе резултати затоа што, како што посочува, има ситуации во кои со безобѕирно возење е повредено некое лице, а сторителот добива парична казна, додека во ситуации кога како резултат на безобѕирното возење е причинета материјална штета, сторителот добива потешки казни како што е условна осуда.
– Затоа што човекот како центар на универзумот треба повеќе да се цени, затоа што неговиот живот и неговиот телесен интегритет за нашето општество е многу побитен отколку имотот, потенцираше Ејуп.
Во споредба со поранешните случаи во примерите со објавувањето на брзото возење по социјалните мрежи и слични прекршоци каде што вршителите на тие дејности не се казнуваат или добиваат многу ниски казни, вели дека од МВР треба да имаат подобри услови за детектирање на овие прекршоци и соодветно да ги казнат сторителите, но и дека треба да се менуваат и други закони и законски нормативи.
– Тука треба да се менуваат некои други закони и законски нормативи, како на пример законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, како и законот за прекршоци каде што во овие ситуации претежно се предвидува парична казна или казна за одземање на возачката дозвола. Но повторно ќе кажам, ефикасноста на законот е во доследната примена на законот, од причини што ако прекршокот е извршен оваа година, лицето кое го извршило кривичното дело ќе сноси последици после година дена или две години, ако казната го стигне малку побрзо и поефикасно, тука зборувам ако целиот судски систем биде поефикасен мислам дека и резултати ќе бидат многу побрзи и поефективни во однос на таквото возење во сообраќајот, истакна Ејуп.
Комбинација на репресивни и превентивни мерки најефикасен начин да се поттикне почитувањето на правилата
Ова решение е предложено по примерот на Крвичниот законик во Хрватска, кој што е на сила од 2011 година. Членот 226 од хрватскиот Кривичен закон е речиси ист со нашиот предлог закон, со тоа што во делот на брзината е построг и дозволува најмногу до 50 километри на час над дозволената. Портпаролот на РСБСП, Дејан Андоновиќ за МИА истакна дека сите овие новини кои доаѓаат ќе го унапредат безбедното учество на сообраќајот.
– И без оваа новина се знае дека ако возите побрзо од дозволеното, управувате моторно возило под дејство на алкохол или не почитувате пропишана сообраќајна сигнализација се нарекува безобѕирно возење. Сметаме дека сите овие новини кои доаѓаат ќе го унапредат, да кажеме на некој начин, безбедното учество на сообраќајот, вели Андоновиќ.
Во однос на прашањето во врска со кампањите на РСБСП за зголемување на свесноста на граѓаните и дали токму кампањите, или пак казните имаат поголемо влијание во таа насока, Андоновиќ одговори дека една комбинација на репресивни и превентивни мерки даваат најдобар успех во почитување на пропишаните правила и прописи.
– Во принцип е покажано дека само репресивни мерки или само превентивни мерки не даваат големи резултати. Една комбинација на репресивни и превентивни мерки даваат најдобар успех кај граѓаните да ги почитуваат пропишаните правила и прописи. Со позитивни кампањи одиме на позитивна, и се разбира се обидуваме преку нив да ја подигнеме јавната свест и сообраќајната култура кај нашите граѓани и учесници во сообраќајот, бидејќи многу е важно да се подигне јавната свест. Се знае што се смее што не се смее, а тоа што не знаеме затоа имаме закони, пропишани правила и прописи. Секое кршење на тие правила и прописи значи дека свеста не е доволно подигната, објасни тој.
Додека во однос на кампањите за поголема безбедност кои како РСБСП ги спроведуваат во различни периоди од годината, рече дека според статистиките високите температури за време на летните периоди се многу поопасни за учество во сообраќајот.
– Многу е важно да им посочиме на граѓаните дека не се само зимските услови опасни за учество во сообраќај. Статистички гледано летните периоди и овие високи температури, се многу поопасни за учество во сообраќајот. Сега сме сведоци на високи температури, зголемена фреквенција на сообраќај поради годишните одмори и оттаму секоја година во ова време ја спроведуваме таа летна кампања, нагласува тој.
Апелите се јасни, потенцираше Андоновиќ, апелираме прво до граѓаните кои тргаат на подолги дестинации да возат само два часа, половина час да одмараат, да се напијат ладен пијалак, да имаат секогаш ладна вода во возилата каде што патуваат, значи не морате да брзате ако одите на подалечна дестинација, почитувајте ги пропишаните правила и прописи, гледајте ги условите на патот.
– Но и внимавајте на високите температури, денеска повеќето возила имаат клима уреди, но таму ако е 20 Целзиусови степени а надвор е 40, кога ќе излезете нагло може да дојде до некаков несакан здравствен ефект, подвлече Андовиќ.
Од оваа новина МВР очекува подобрување на општата безбедност во патниот сообраќај
Од Министерство за внатрешни работи велат дека со наведениот член 403 од предлог текстот на новиот Кривичен законик се очекува подобрување на општата безбедност во патниот сообраќај како на репресивен така и на превентивен план.
– Нaведениот член 403 од предлог текстот на новиот Кривичен законик, кој како новина го пропишува и регулира безобѕирното управување со моторно возило, во пракса би преставувало преквалификација на наведените прекршоци во кривични дела и со истиот се очекува подобрување на општата безбедност во патниот сообраќај, како на репресивен така и на превентивен план што би придонело кон намалување на бројот на сообраќајни незгоди, објаснуваат од МВР за МИА.
Според податоците на МВР за сообраќајните незгоди кои завршиле со загинати лица, во 2017 година во 137 сообраќајни незгоди биле одземени 155 човечки животи, во 2018 година од 118 сообраќајни незгоди загинале 133 лица, во 2019 има 132 загинати во 109 незгоди, вклучително и 15 лица кои загинаа во автобуската несреќа на автопатот Скопје-Тетово кај с. Ласкарци, во 2020 година од 115 незгоди, животот го изгубиле 125 лица, а во 2021 година од 106 незгоди со фатални последици починале 116 лица.
Според податоците за сообраќајни незгоди што завршиле со повредени лица, во 2017 година во 3.882 незгоди биле повредени 6.224 лица, во 2018 година во 3.662 незгоди биле повредени 5.860 лица, во 2019 година во 3.124 незгоди биле повредени 5.164 лица, во 2020 година во 3.581 незгоди биле повредени 5.741 лица, а во 2021 година во 3.963 незгоди, 6.659 лица завршиле со повреди.
Како најчести фактори за сообраќајни незгоди, според податоците на МВР до 2021 година, последните 10 години на прво место е брзото возење, потоа следуваат непочитувањето на правилата за првенство на минување, недржење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување, како и управување под дејство на алкохол.
Извор и фото: МИА