Зошто е Лозано значаен во процесот при градење на македонската етно-поп музика? – ММС
ММС

Објавено на: 08/6/22 6:25 PM

Зошто е Лозано значаен во процесот при градење на македонската етно-поп музика?

Неодамна во македонскиот културен центар, Охрид, се случи долгоочекуваниот концерт на најпознатиот македонски пејач Лозано и неговиот бенд. Лозаноски е еден од ретките пејачи што пее исклучиво на македонски јазик и го промовира македонскиот јазик и дома и во светот, што е многу битно за зачувување на македонскиот идентитет, јазик и музика. Овој настап беше малку поинаков од претходните концерти низ државата, пред сѐ поради одбраната локација, но и поради тоа што аранжманите беа соодветно прилагодени на атмосферата, која беше под отворено небо на славниот антички театар.
Ова музичко доживување само ги потврди очекувањата на илјадниците фанови присутни на концертот, а тоа е дека Лозано навистина е најдоброто нешто што ѝ се случила на македонската музичка сцена после легендарниот Тоше Проески.
Познато е дека низ годините Лозано постепено транзитираше во водите на поп музиката збогатена со етно елементи, инспирирани од македонскиот фолклор и лирика. Но, транзицијата не се одвиваше нагло и непромислено, туку постепено и обмислено. Музичката структура е внимателно градена, а симбиозата од поп и етно музика е неверојатно органска за слушање.
На концертот во Охрид, музиката беше дополнително прилагодена со амбиентален звук, а слушателите имаа можност да ги слушаат најголемите хитови на Лозано во едно поинакво руво. Ваквиот музички пристап дополнително ја нагласи македонската музичка лирика.

Исто така, дополнителна предност е тоа што Лозано има долгогодишно искуство во областа на македонскиот музички мелос, со препознатливата емоционална комуникација која непосредно допираше до слушателите и предизвика гласни овации и громогласни аплаузи.
Лозано успеа да создаде сопствен препознатлив стил во неговата музика и изведба, со тоа истакнувајќи се од сите негови современици пејачи. Во неговата музика се обработени теми од македонската вековна традиција, поврзани со печалбарството, носталгијата, љубовта, како и религиски мотиви.
Настапот во Охрид е доказ дека она што го прави Лозано во моментов, ќе остави длабок белег во македонското музичко творештво, а неговото име ќе биде запишано во историјата на македонската музика.

(В.М.)