Двајцата професори, Елка Јанчева Улчар и Игор Радев денеска зборувајќи во емисијата „Стадион“ на Канал 77 истакнаа дека иако негирањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија никогаш всушност и не престанало, ова што ни се случува во моментот е непримерно за 21 век. Зборувајќи за ставот на Бугарија оти нашиот јазик е вештачки создаден, двајцата се согласни дека кај нас нема ништо што е вештачко и создадено.
– Ние имаме 80 години кодифициран и стандардизиран јазик. Ние за многу кусо време сме успеале да развиеме научен, публицистички и административно-правен стил, што зборува дека условите за создавање на македонскиот јазик биле премногу созреани, што дури било и природно, рече професорката Јанчева Улчар.
Таа вели дека негирањето за постоењето македонски јазик не престанува, иако Бугарите за краток период го признаваат.
– Извесен Геогечанков во 1945. пишува воодушевено дека се формирал, се кодифицира македонски јазик, а веќе следната година во истото списание истиот овој човек врши атак врз нашиот јазик. Значи политиката завршила работа. Бугарите цело време присвојуваат и историјата на јазикот, нашите дејци од 19 век, дијалектите, дури сега неодамна слушнав емисија со нивна многу позната лингвистка која кажа еден податок за нејзиниот професор Дујчев, кој заедно со Јаранов оделе по територијата на Егејска Македонија да собираат потписи со натпис „Јас сум блгарин“. Кажува дека собрале околу 300 илјади потписи, замислете во 1945 кога се создава државата тој е прогласен од страна на нивната КП за бугарски националист и практично останува без работа. Ова го кажувам за да имаме предвид каква била политиката во тие први години од создавањето на јазикот, објаснува Јанчева Улчар.
Говорејќи за дијалектите и зошто толку се разликуваат дијалектите во нашата држава иако градовите ни се релативно блиску, како пример во случајот со Прилеп и Кавадарци, професорот Радев вели дека колку е попланинска земјата толку повеќе дијалекти има, а ние имаме толку многу разлики во дијалектите токму поради географијата.
– Меѓу Прилеп и Кавадарци се т.н тиквешко-мариовски говори кои се преодни говори. Ние имаме толку многу разлики во дијалектите баш поради географијата. Во една Русија на пример иако е толку голема, речиси и да нема разлика во говорот. Од друга страна, пак, еве Словенија е многу малечка земја, а има околу 50 дијалекти, рече Радев.
За тоа зошто бугарите не избрале друга дијалектна основа кога го формирале нивниот јазик, за тоа која е улогата на јазикот во националниот идентитет и колку ние си го негуваме јазикот, двајцата професори можете да ги слушнете во видеото во прилог. Ним им се надоврзува и професорката Румена Бужаровска.