(Видео) Ненси Пелоси пристигна на Тајван и покрај предупредувањата на Кина – ММС
ММС

Објавено на: 08/2/22 5:51 PM

(Видео) Ненси Пелоси пристигна на Тајван и покрај предупредувањата на Кина

Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, пристигна во Тајпеј, и покрај предупредувањата од официјален Пекинг да не го прави тоа, бидејќи тоа сериозно ќе ги загрози односите меѓу Кина и САД.

Пекинг смета дека доаѓањето на Пелоси е грубо кршење на внатрешните работи на Кина.

Непосредно пред да слета авионот на Пелоси, кинеската централна државна телевизија објави дека Пекинг испратил воени авиони Су-35 во Тајванскиот теснец.

Тоа е прва посета на висок американски функционер на Тајван по 25 години.

Пелоси е на турнеја низ Азија, која вклучува посети на Сингапур, Малезија, Јужна Кореја и Јапонија.

Кинеското Министерство за надворешни работи наведува дека упатило протест до американската страна.

Кинеското МНР вели дека посетата испраќа „погрешни сигнали до сепаратистичките сили“ кои бараат „независност на Тајван“. Посетата на Ненси Пелоси сериозно го нарушува принципот „една Кина“, се посочува во соопштението.

Борбени авиони на воздухопловните сили на Кинеската Народноослободителна армија полетаа вечерва по локално време во правец кон Тајван, јави кинеската централна телевизија.

По пристигнувањето претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси нагласи дека посветеноста на САД за демократски Тајван е поважна од кога било.

„Посетата на нашата конгресна делегација е показател за недвосмислената американска поддршка за демократијата на Тајван“, напиша Пелоси на Твитер.

Таа наведе дека во разговорите со лидерите на Тајван „ќе биде повторена поддршката за американските партнери и ќе биде промовиран заеднички интерес, вклучително и унапредување на слободниот и отворен индо-пацифички регион“.

„Нашата посета не е прва, делегации на Конгресот дојдоа во Тајпеј и претходно. Ова на никаков начин не е во спротивност со американската политика, која е водена од Законот за односи со Тајван од 1979 година“, напиша Пелоси.

Законот за односи со Тајван од 1979 година ги регулира односите на САД со островот, не бара од САД да интервенираат воена во случај на кинеска инвазија, но наложува Тајван да добие ресурси за да се брани, како и да спречи какви било унилатерални промени во неговиот статус од страна на Пекинг.