Пендаровски нема да оди на Илинден во Крушево, ќе положи цвеќе во Бутел и ќе додели ордени пред Кабинетот – ММС
ММС

Објавено на: 07/29/22 2:12 PM

Пендаровски нема да оди на Илинден во Крушево, ќе положи цвеќе во Бутел и ќе додели ордени пред Кабинетот

 

По повод чествувањето на државниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, во Скопје, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, на 2 август 2022 година, вторник, предвидени се повеќе активности.

Во осум часот  претседателот Пендаровски ќе положи цвеќе на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и ќе се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.

Потоа на платото во Кабинетот на претседателот ќе се одржи централна манифестација, на која ќе се обрати претседателот Пендаровски и ќе бидат доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно ќе биде одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество. Со Орден за воени заслуги, постхумно ќе биде одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст ќе бидат одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева. Осуммината се одликуваат за пожртвуваноста, за истрајната борбеност и за животната посветеност на високите цели на заедницата, како и за целокупниот влог во Народноослободителната борба, што се согледува низ нивните карактеристики, а и низ карактеристиките на голем број генерации борци, кои не ги штедеа своите животи за слободата, втемелувајќи ги основните насоки за градење на државата.

Положување цвеќе од страна на делегации од Кабинетот на претседателот ќе има во Скопје на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“. Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен. Во Пелинце, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе пред Меморијалниот центар на АСНОМ. Во Смилево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи свежо цвеќе на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.