Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,42 отсто во однос на вчерашната одлука.
Според РКЕ, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за два денари и ќе изнесуваат 96,50 и 99 денари.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат за 2,5 денари и за ЕУРОДИЗЕЛ ќе изнесува 97,50 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство ќе изнесува 96 денари.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,011 денари и ќе изнесува 52,466 денари.
– Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.7.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, посочуваат од РКЕ.
Посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,597 отсто, кај дизелот за 1,488 отсто, кај екстра лесното масло за 1,374 отсто и кај мазутот зголемување за 2,738 отсто. Курсот на денарот, како што навде РКЕ, во однос на доларот во изминатиот период е за околу 0,263 отсто понизок од курсот на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка.