Русија само од украдениот челик од Украина се збогати за 600 милиони долари – обвини сопственикот на Азовстал – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/22 9:46 AM

Русија само од украдениот челик од Украина се збогати за 600 милиони долари – обвини сопственикот на Азовстал

Јуриј Риженков, генерален директор на украинската металуршка компанија Метинвест, која е сопственик на металуршката фабрика Азовстал во Мариупол, која за време на опсадата стана последно упориште на украинските бранители на градот, во интервју за Би-Би-Си рече дека од Украина во Русија е однесен челик во вредност од 600 милиони долари од фабриките и пристаништата на окупираните територии. Станува збор за илјадници тони челик, од кои значаен дел веќе платиле купувачи од Европа и Велика Британија.
-Тие во суштина само не’ ограбуваат. Тие ги крадат не само нашите производи, туку и дел од производите кои се сопственост на европски клиенти. Односно, тие всушност крадат не само од нас, туку и од Европејците“, рече Риженков.
Тој нагласи дека компанијата ги документира сите овие факти за кражба и се подготвува за тужби.
-Русите во одреден момент ќе треба да одговараат не само пред меѓународните, туку и пред кривичните судови. Ќе им судиме секаде каде што е можно“, нагласи менаџерот на Метинвест.
Азовстал и уште една металуршка фабрика во Мариупол, Илич, сочинуваат 40% од украинското производство на челик. Риженков рече дела за време на воените дејствија загинаа 300 работници на Азовстал и 200 членови на нивните семејства.
Кон крајот на мај, најбогатиот човек во Украина изјави дека планира да ја тужи Русија за загуби од 17 до 20 милијарди долари предизвикани од бомбардирањето на челичарниците што ги поседува во разурнатиот град Мариупол, објави Ројтерс.
-Дефинитивно ќе ја тужиме Русија и ќе бараме соодветна компензација за сите загуби и изгубени бизниси“, изјави Ринат Ахметов, кој е сопственик на најголемиот украински производител на челик Метинвест, во интервју за украинскиот портал mrpl.city.
Ринат Ахметов веќе поднесе тужба против Русија пред Европскиот суд за човекови права, наведувајќи ги наводните прекршувања на правата на сопственост и заплени на имот поврзани со руската инвазија, напиша Фајненшл тајмс.