Полициски хеликоптер се приклучи на гасењето на пожарот во Беровско, се очекува и Ер-тракторот – ММС
ММС

Објавено на: 07/22/22 8:52 AM

Полициски хеликоптер се приклучи на гасењето на пожарот во Беровско, се очекува и Ер-тракторот

Не стивнува пожарот меѓу беровските села Митрашинци и Будинарци. Рано наутро во 5 часот во гаснењето на огнот се приклучи полициски хеликоптер, кој фрла вода од воздух, додека околу 10 часот се очекува доаѓањето на специјализираниот Ер-трактор, летало за гаснење на пожари. Првичните напори од земја и воздух, според информациите од пожарникарите на терен, успеваат да го спречат проширувањето на огнот кон боровата шума, сепак состојбата и натаму е критична. Во гаснењето се вклучени пожарникари од Виница, Радовиш, Кочани, Струмица, Тетово и доброволци од целата држава.

-Ер-тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување ќе пристигне околу 10 часот. Во моментов на терен се и десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово, изјави Ангелов за МИА.

Од Општина Берово информираат дека вчера со пожарот беа зафатени околу 50 хектари шума. Како што изјави градоначалникот Звонко Пекевски, делумно е зафатен и непристапен планински предел, што го отежнува гаснењето на пожарот.
Стравот е дека може да се повтори ланската година, кога по Илинден избувна голем пожар во Малешевијата што се гаснеше со денови. Општината Берово ги повика сите што можат да помогнат да не се повтори не така далечното минато.

Во Делчевско синоќа околу 19 часот пожарот беше ставен под контрола, а денеска според информациите од Општина Делчево, целосно е изгаснат. -Екипи на Македонски шуми се на терен во контрола на просторот меѓу селата Разловци и Тработивиште. Обиколката ќе трае во текот на целиот ден. Надежите се дека огнот од Беровско нема да се прошири на делчевски терен, соопшти Општина Делчево.
Според првичните проценки со огнот е зафатен простор од околу 40 хектари сува трева и дабова и борова шума.