Поднесено обвинението – тројца се обвинети за убиство на ракометарот Денис Тот – ММС
ММС

Објавено на: 07/21/22 2:29 PM

Поднесено обвинението – тројца се обвинети за убиство на ракометарот Денис Тот

Обвинение и барање за продолжување на притвор за тројца поднесе Основното јавно обвинителство Скопје.

По спроведена истражна постапка, ОЈО Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против три лица за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

-Обвинетите, на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот. По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрвин настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стои во известувањето од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за тројцата обвинети, бидејќи се уште постојат околностите поради кои таа мерка им беше определена во текот на истрагата. Тројцата, меѓу кои и една 19-годишна девојка се во притвор од 11 април годинава.
Како што е познато, Денис Тот беше убиен на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога тогаш осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале ракометарот, хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите Тот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата што сега се во притвор, продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што Тот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, Тот имал престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.
Кратко по настанот, на социјалните мрежи беше споделена видео снимка на која јасно се гледа тепањето на паднатото момче, додека најмалку осум лица стојат наоколу и гледаат. Снимката ја згрози јавноста и покрена бројни прашања за нереагирањето на сведоците на овој настан.