(Видео) Ердоган му врати на Путин, го остави да чека, па го изнервира – ММС
ММС

Објавено на: 07/20/22 10:36 AM

(Видео) Ердоган му врати на Путин, го остави да чека, па го изнервира

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го остави рускиот лидер Владимир Путин да го чека во соба полна со новинари.

На видеото кое кружи на социјалните мрежи, Владимир Путин може да се види како се нервира, ја префрла тежината од нога на нога додека чека да се појави Ердоган. Чекањето траеше речиси цела минута, пренесоа светските агенции.

Тоа беше непозната територија за рускиот претседател, кој се здоби со репутација дека ги држел светските лидери да чекаат, намерно, понекогаш и со часови, пишува Гардијан.

Некои шпекулираа дека можеби е одмазда за состанокот во Москва 2020 година каде Ердоган толку долго чекаше да влезе во салата за состаноци што седна.

Новинарите го фатија моментот кога Путин влезе во собата во вторникот, очекувајќи дека Ердоган брзо ќе го следи примерот. Наместо тоа, тој остана да стои додека се тркалаа камерите.


Кога го виде Ердоган како му приоѓа, тој некако изнервиран ги крена рацете, како да сакаше да му каже: „Па, каде беше до сега?“

„Овие 50 секунди што Ердоган го натера Путин да чека доволно зборуваат за тоа колку многу се променило од Украина“, коментира дописникот на National news од Блискиот Исток, Џојс Карам.
Карам ја нарече ситуацијата „слатка одмазда“ откако Путин го остави турскиот лидер да го чека околу две минути пред средбата во 2020 година.

Турските медиуми тогаш објавија дека Ердоган и неговата придружба биле понижени откако биле принудени да чекаат во салата.

Некои веруваат дека доцнењето на Путин на состаноци со меѓународните лидери е калибрирана психолошка политика која датира од раните денови на неговото претседателствување.

Во 2003 година Путин задоцни 14 минути да се види со кралицата Елизабета Втора, а една година претходно на гробиштата два часа го чекаа родителите на децата загинати во авионска несреќа.

Путин доцнеше еден час на средбата со папата Франциско во Ватикан во јуни 2015 година, додека во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп го чекаше 45 минути во Хелсинки.

Како што јави Радио Слободна Европа, Ангела Меркел чекала четири часа и 15 минути за средба со Путин во 2014 година, додека Виктор Јанукович, кога бил украински претседател, чекал четири часа пред да седне со рускиот претседател.

Извор: Курир.рс

Фото: Принтскрин Твитер видео