Им преседна патувањето на штипјани до Скопје – патарините од денеска во функција – ММС
ММС

Објавено на: 07/18/22 11:21 AM

Им преседна патувањето на штипјани до Скопје – патарините од денеска во функција

Поевтино е да летаме – шеговита забелешка на штипјани, откако денеска на пат за Скопје ги пречекаа затворените рампи на две нови патарини. 70 денари кај Кадрифаково и 50 денари на патарината кај Преод. Плус 40 денари за патарината кај Петровец. Пократкиот автопат  од оној што со децении го користеа преку Велес, се претвори во скапа авантура. Особено за тие што се охрабрија да останат и живеат во Штип, а работат во Скопје. Вкупно 320 денари во двата правци секој ден ќе плаќаат и ја полнат касата на ЈПДП „Државни патишта“, кое лани остварило 46,4 милиони евра годишен приход од наплата на патарини.

Овој износ се очекува да порасне до 50 милиони евра со ставањето во функција на свете нови патарини на автопатот Штип – Миладиновци.

Пресметано годишно, на штипјани ќе им требаат 77.000 денари само за патарини, доколку секојдневно патуваат за Скопје. Тоа е 73.000 денари повеќе од бугарските државјани, кои плаќаат годишна вињетка од 4000 денари и тоа за патиштата низ целата држава.

Наплатната станица Преод

денари       евра
1А Категорија      40           0,50
1Б Категорија      70           1,50
2-ра Категорија    100          2,00
3-та категорија    180          3,00
4-та Категорија    270          4,5

Наплатна станица Кадрифаково

денари     евра
1А Категорија      30        0,50
1Б Категорија      50        1,00
2-ра Категорија    80        1,50
3-та категорија    150        2,50
4-та Категорија    220        4,00

Како што соопшти ЈП „Државни патишта“,  сумата издвоена за градежните работи и опремата за електронска наплата, за наплатната станица Преод изнесува 2.555.349,67 евра, а за наплатната станица Кадрифаково 2.314.288,14 евра.

За изградбата на новите патарини на автопатот Штип – Миладиновци, државата се задолжи 13,7 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Се работи за кредит земен за модернизација на патарините и за изградба на нови наплатни станици.

Во исто време, Европската унија, кон која се стремиме, воведе единствен систем електронски систем за наплата на патарини EETS. EETS е Директивата на Европскиот парламент и на Советот од 19 март 2019 година за интероперабилност на електронските системи за патарина и олеснување на прекуграничната размена на информации за неплаќање на такси за патишта во Унијата (реформирана) во сила на 18 април 2019 година и започна да се применува во земјите-членки на 19 октомври 2021 година. Електронската вињета е поврзана со регистарскиот број на возилото и не може да се пренесе. При купувањето потребно е да се наведе регистарскиот број на возилото и адресата на е-пошта.

Колку новите патарини на автопатот Штип – Миладиновци ќе го поскапат патувањето, не е тешко да се пресмета. Патувањето во група со такси превозниците веќе поскапе од 350 на 500 денари со растечките цени на горивото. Дали ќе има ново поскапување засега е неизвесно.