Триста граѓани ќе добијат поубава насмевка: Бесплатни стоматолошки услуги за социјално ранливите – ММС
ММС

Објавено на: 07/17/22 10:31 AM

Триста граѓани ќе добијат поубава насмевка: Бесплатни стоматолошки услуги за социјално ранливите

Стоматолошкиот  факултет – Скопје при УКИМ на вкупно 300 социјално ранливи граѓани (150 мажи и 150 жени) ќе им овозможи бесплатни услуги – лекување и екстракција (вадење) на заби, дентални реставрации, ендодонтски третман, протетичка рехабилитација и флуор профилакса.

Пациентите најпрво ќе бидат индивидуално, темелно прегледани, а потоа ќе добијат и соодветни термини – кога точно да појдат на Клиниката за да им бидат изведени потребните зафати. Јавниот повик треба да биде објавен во август, но претходно ќе биде организирана негова промоција во сите скопски општини.

Сите сеопфатни, превентивни и куративни услуги ќе бидат изведени во рамки на практичната настава на Стоматолошкиот факултет, во новите сали за вежби на студентите, под директна супервизија на наставниот кадар, во наставната база на ЈЗУ Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон” во Скопје.

Како што вели за новинската агенција МИА професорката од Стоматолошкиот факултет, Снежана Пешевска, конечен показател за успешноста на проектните активности ќе бидат здравиот, реставрираниот стоматогнатен систем и вратената убава насмевка на пациентите.

-По селекција на кандидатите, избрани ќе бидат оние што ќе ги исполнат условите на конкурсот, вкупно 300 учесници (150 мажи и 150 жени) од различни возрасни групи. Кај нив ќе биде направен преглед и пополнети ќе бидат почетните податоци во посебно дизајнирано картон-досие. Дијагностиката, планот на терапија, а потоа  и извршените стоматолошки интервенции ќе бидат евидентирани во досието, заедно со рентгенграфските записи, фотографиите и клиничките индекси за проценка на оралното здравје (пред и по терапијата). Ако бидат изработени протетички надоместоци, ќе биде прецизиран и нивниот вид, објаснува Пешевска.

Професорката нагласува и дека секој поединец ќе добие средства за одржување орална хигиена, соодветни за условите во неговата дентиција, а предвидена е и едукација за нивна правилна примена. Доколку се оцени, пак, дека има потреба од антибиотска терапија или локални антисептици, и тие ќе се препишат (дадат) без финансиски надомест.

Луѓето со неповолен социо-економски статус имаат и полошо орално здравје

Според неа, потврдено е дека популацијата со неповолен социо-економски статус има и полошо орално здравје. Токму овие социо-економски нееднаквости во оралното здравје претставуваат голем предизвик за здравствената политика, не само зашто повеќето од нееднаквостите може да се сметаат за неправедни, туку и зашто може да се придонесе за намалување на последиците од оралните заболувања на сиромашните групи, а со тоа и да се подобри состојбата на оралното здравје на населението во целина.

-Лицата кои имаат пониски приходи се и поретки посетители на стоматолошките ординации. Причината за поретката  посета на стоматолог не е само цената на стоматолошките третмани, туку и непостоењето навика за посета на стоматолог, што секако е поврзано со образованието. Голем број од лицата со ниски приходи заради  преокупираноста со изнаоѓање на сите можни решенија за задоволување на основните животни потреби, не наоѓаат време за посета на стоматолог.  Поради тоа, овие луѓе се  помалку едуцирани и мотивирани од страна на стоматолозите за одржување  орална хигена. Тоа води кон зголемена гингивална инфламација, напредување на пародонталната болест, несанирани кариозни лезии… – смета професорката.

Деканот на Стоматолошкиот факултет, професор Ќиро Ивановски смета дека овој проект ќе ги направи далеку подостапни стоматолошките услуги за социјално ранливите граѓани. Како што нагласува, тие се соочуваат со многу проблеми во секојдневното живеење и грижата за оралното здравје не им е приоритет. Стоматолошките интервенции претежно ги бараат при акутни, болни состојби, по чие решавање, генерално, не продолжуваат со санација на целата дентиција. Фактор кој придонесува за ваквата состојба, секако, нагласува деканот, се и финансиските средства за партиципација во еден дел или во потполност – кога станува збор за фиксните стоматолошки протетички изработки.

-Рамноправноста во однос на останатите категории граѓани сметаме дека ќе биде потполно постигната. Сите имаат еднакво право на здравствена заштита, но проблемите во секојдневното живеење ги ставаат превентивните мерки за заштита на оралното и општото здравје далеку од приоритетите кај граѓаните од социјално ранливите категории – посочува деканот.

Во разговор за МИА тој потенцира и дека најчесто, за жал, пациентите од социјално ранливата категорија граѓани ги решаваат само ургентните состојби.

„Остануваат потенцијалните дентогени жаришта во оралната средина со нарушено здравје, што има свои импликации и врз општото здравје на поединците“, предупредува тој.

Согласно динамиката на предвидените активности, јавниот повик за учество во проектот ќе биде објавен идниот месец, на веб и фејсбук страниците на Стоматолошкиот факултет и на Градот Скопје, во печатените и електронски медиуми.

Селекцијата на кандидатите кои ќе ги исполнат условите и ќе учествуваат во проектот ќе биде во септември, а закажувањето на прегледите и нивното спроведување во октомври.

Дел од проектот не може да бидат лица со попреченост кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во кабинетот за општа анестезија и не се предвидени за клинички вежби на студентите, лица со хендикеп кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во приемна амбуланта на приземјето од причина што истите не можат да се упатат на погорните катови и да бидат прифатени на студентските вежби, лица со заразни заболувања (hepatit, HIV и останати) кај кои стоматолошките интервенции се изведуваат во инфективна амбуланта и не се предвидени за клинички вежби на студентите, како и лица зависници од дроги кои исто така се примаат во инфективна амбуланта и не се предвидени за клинички вежби на студентите.

Една од анкетите на Државниот завод за статистика покажува дека според 72 отсто од испитаниците главна причина за непосета на стоматолог е неможноста финансиски да ја платат услугата – сметаат дека услугата е премногу скапа.