Албанија многу бргу може да почне да аплицира антиковид вакцина кај деца над петгодишна возраст – изјави Ровена Даја од Институтот за јавно здравје.
– Висока е инциденцата на зараза со ковид-19 кај најмладата популација, при што голем број од заразените деца завршуваат на болнички третман, поради тешките симптоми. За да ги заштитиме децата од зараза, по примерот на многу земји и ние може да почнеме со имунизација на децата над петгодишна возраст – рече Даја.
Во Албанија може да се вакцинираат деца над 12- годишна возраст, а од пред десеттина дена се аплицира и четврта доза, јави дописничката на МИА од Тирана.
Според Даја, поради зголемениот број нови случаи, во просек 46 отсто од тестираните, последните денови зголемен е интересот за вакцинација, што не беше случај последните неколку месеци, кога речиси воопшто немаше интерес.
– Секогаш луѓето, кога се зголемува бројот на случаи, почнуваат да се плашат и стануваат свесни дека ковид продолжува да постои, па и бројот на оние кои се вакцинираат се зголемува. За среќа, имаме и зголемување на бројот на вакцини со прва доза, вели таа.
Даја додава дека со една доза се опфатени 49 отсто од популацијата, со две дози 45 отсто, но посочува дека младите сè уште „се држат настрана од вакцината”.
Со три дози се вакцинирани само 11,3 отсто, главно лица кои се над 60 години или кои имаат други заболувања.
МИА