Општина Штип, заедно со Здруженијата за заштита на животните заеднички ќе вршат надзор над работата на Фирмата оператор којашто ќе треба да се грижи за третирањето и заловувањето на кучињата скитници. Така е договорено на состанокот кој што по иницијатива на Градоначалникот Иван Јорданов се одржа во општината, откако Здруженијата реагираа на изборот на новиот оператор, кумановската фирма којашто според нив нема да промени ништо во третирањето на кучињата скитници.
https://www.facebook.com/spasizivotshtip
„Доколу се утврдат одредени несогласувања со она што ние како општина го бараме и доколку стационарот не ги исполнува стандардите, ние заедно со Здруженијата ќе интервенираме и ќе имаме основ за раскинување на договорот,“ вели Јорданов.
Тендерската постапка за третирање на бездомните кучиња е во вредност од 2.950.000 денари денари, вели Кирил Јорданов од локалната самоуправа.
„Таа сума е рамка на целата постапка бидејќи ние однапред не ја знаеме природата на третманот којшто ќе го добива поединечно секое заловено куче. Во моментот оваа сума која ја издвоивме од буџетот за третирање на кучињата и таа е направена аналогно на сѐ претходно и во комуникација со луѓе кои на терен се занимаваат со благосотостојбата на кучињата бездомници од самите здруженија. Очекуваме бројот на кучиња да варира, но ова е сепак цифра која планираме да биде од околу 100 до 150 кучиња годишно, вели Јорданов.
Во меѓувреме Општината размислува за изработка на проект за Стационар којшто ќе биде според сите стандарди за заловување и чување на кучињата скитници, секако во соработка и координација со Здруженијата за заштита на животните, се со цел да се намалат трошоците коишто ги има општината на годишно ниво со цел хуман третман на бездомните кучиња. Ќе се анализира, што ќе биде поисплатливо, дали да се адаптира сегашниот стационар-кој поради несоодветните услови беше затворен од АХВ или поевтино би чинело да се направи нов стационар на друга локација.
„Жалам што во минатото се потрошени пари а пак немаме соодветен стационар, “ додава штипскиот градоначалник Иван Јорданов.
Истовремено, општината троши финансиски средства за покривање на трошоците на граѓани кои се каснати од куче скитник.
„Ние имаме обврска и кон граѓаните. Мора да се штити интересот на граѓаните. Секојдневно имаме тужби од граѓани и тоа ни создава дополнителни финансиски импликации. И токму затоа стационар направен според соодветните стандарди е економски оправдано и од овој аспект, намалување на судските трошоци коишто општината мора да ги плаќа кон граѓаните,“ објаснува Јорданов.
Оштетата која што се плаќа за граѓаните каснати од кучиња е до 30.000 денари, секако различно во поединечни случаи во зависност околностите.