Повторно ќе чукнат зурлите и „топаните“ на Галичник, сè е подготвено за „Галичка свадба“ – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/22 12:17 PM

Повторно ќе чукнат зурлите и „топаните“ на Галичник, сè е подготвено за „Галичка свадба“

„Низ прстен те гледам, в срце да ти влезам“ – со овие зборови Елена Дуровска ќе го пречека својот сакан Илчо Димитров пред и официјално да му стане сопруга. Елена и Илчо ќе бидат зет и невеста на годинашната Галичка свадба која ќе се одржи на 15, 16 и 17 јули.

Младоженецот Илчо денеска изјави дека досега нема пропуштено Галичка свадба.

„Јас имам галичко потекло, од мајка и од татко. Двете мои баби се родени во Галичник и од таму потекнува мојата желба да бидам галички зет. Немам пропуштено ниедна Галичка свадба. Ќе немаме никаков проблем околу адетите, носијата. Премногу сум горд и среќен што годинава со Елена сме зет и невеста за Галичката свадба“, додаде Димитров.

На денешната прес конференција на која беа претставени младоженците облечени во традиционалните галички свадбарски носии, невестата Елена рече дека заедно се три години и шест месеци.

-И јас потекнувам од западна Македонија, од село Витуше. Во Скопје живееме двајцата. Нешто што особено ми е драго во рамките на Галичка свадба е кога невестата го гледа низ прстен зетот и ги кажува тие посебни зборови „низ прстен те гледав, в срце да ти влезам“. Покрај оваа, ќе имаме и друга свадба во септември во ресторан во Скопје – додаде Елена.

Од месната заедница „Галичник“ велат дека годинава било вистински предизвик да се одберат младоженците, бидејќи имало пет официјално пријавени двојки, од кои две отпаднале во рамките на првата селекција.

„На состанок на советот на Месна заедница Галичник на 25-ти март се донесе одлука дека единствено фер е избор на двојка по нивна среќа. Ги поканивме двојките, им ја објаснивме одлуката и сите другарски ја поддржаа. На свечената венчавка во рамките на Галичка свадба 2022 во црквата Свети Апостоли Петар и Павле, покрај Илчо и Елена ќе се венча уште една од пријавените двојки – Марко Бекриќ и Искра Блажевска додека третата двојка, Владимир Черепналковски и Марија Крстевска ќе се венчаваат на Голема Богородица“, истакна Александар Костиќ од МЗ „Галичник”.
Тој рече дека посетителите кои нема да имаат обезбедено сместување ќе имаат можност на таканаречената селска ливада на еден километар пред Галичник да постават шатори.

„Станува збор за планинско место, поради што е потребно сите кои ќе дојдат да си понесат и топла облека. Во недела на 17-ти јули во Галичник ќе има посебен сообраќаен режим, а за тие кои нема да може да испешачат од селската ливада, ќе има организирано комбиња“, најави Костиќ.

Тој информираше дека во рамките на активностите кои ја придружуваат годинешната Галичка свадба во петок, на 15-ти јули со почеток во 21 часот ќе се одржи јубилеен концерт за великанот на народната музика, Александар Сариевски, кому годинава му се навршуваат стог одини од раѓањето, а 20 години од смртта.

-Месна заедница Галичник организира целовечерен концерт во чест на животот и делото на Александар. На концертот ќе учествуваат познати естрадни уметници кои се големи љубители на делото на Александар, а ќе бидат придружувани од оркестарот на Танец- додаде Костиќ.

 

(В. Ми)