Ги послушаа граѓаните – Забранета изградбата на мали хидроцентрали во БиХ – ММС
ММС

Објавено на: 07/8/22 8:55 AM

Ги послушаа граѓаните – Забранета изградбата на мали хидроцентрали во БиХ

Властите на Федерацијата Босна и Херцеговина вчера дефинитивно забранија изградба на мали хидроцентрали во земјата, позитивно одговарајќи на барањата на граѓаните упатувани до нив години наназад.

Горниот дом на народите на Парламентот на Федерацијата Босна и Херцеговина ги прифати измените на Законот за електрична енергија, со кои не се дозволува изградба на нови мали хидроцентрали со моќност до десет мегавати.

„Оваа историска одлука е резултат на притисокот и десетгодишната борба на активистите во бројни локални заедници кои решително се спротивставија на изградбата на екоцидни мали хидроцентрали“, изјавија претставници на Фондацијата „Ателје за социјални промени“.

Еколошките активисти предупредија дека малите хидроцентрали произведуваат само 2,54 отсто од електричната енергија во Федерацијата Босна и Херцеговина, наспроти многукратно поголемата еколошка штета предизвикана со нивната изградба.

Граѓаните на БиХ изминатите неколку години успеаја да спречат изградба на мини хидроцентрали на неколку помали реки. Кон нивните активности се придружи и оскаровецот Леонардо ди Каприо, испраќајќи писмо до премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Фадил Новалиќ, во кое апелира на стопирање на реализацијата на такви енергетски проекти и спасување на реките.

МИА

Фото: portal-udar.net