Горивата поевтинуваат од 2,5 до три денари за литар – ММС
ММС

Објавено на: 07/7/22 2:30 PM

Горивата поевтинуваат од 2,5 до три денари за литар

Цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од ноќеска на полноќ се намалува за три денари по литар, а другите горива поевтинуваат за 2,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,39 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 изнесува 105,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 108, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 101, а Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 99,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,085 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 51,564 денари.

Од РКЕ истакнуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек за 5,021 отсто кај бензините и за 4,102 отсто кај дизелот, додека  курсот на доларот во однос на денарот е повисок за 0,508 отсто.