Масакр на шумата од дрвокрадци, патот уништен, а надлежни нема! Има ли маж кој ќе го спаси Дренок од пустошење? – ММС
ММС

Објавено на: 07/5/22 1:08 PM

Масакр на шумата од дрвокрадци, патот уништен, а надлежни нема! Има ли маж кој ќе го спаси Дренок од пустошење?

Дека ништо не функционира онака како што треба или како што функционирало во минатото во оваа наша Македонија свесни сме одамна, a на тоа често не потсетуваат институциите и политичарите, кои се создадени да уништат колку што можат повеќе.

Ова го велат жителите на селото Дренок, Дримкол, на кои ниедна институција не сака да им ги слушне проблемите. Затоа со писмо се решиле да се обратат до медиумите, надевајќи се дека некој надлежен, сепак, ќе се одважи за сочувавување на природното богатство и спас на селото од уништување.

-Село Дренок локациски се наоѓа во областа Дримкол, на североисточните падини под врвот Радуч, на планината Јабланица. Атарот на селото допира со државната гранична линија со Албанија. Селото е планинско, на надморска височина од 1.095 метри, оддалечено од градот Струга 34 километри. Селото спаѓа под Општина Струга. Единствен начин со возило да се пристигне до село Дренок е преку пат изграден во 1976/77 година со самопридонес од жителите, кој освен до село Дренок водел и до Караула Дренок каде во минатото била стационирана војска на АРМ, која исто така помогнала во изградбата на патот, велат жителите и додаваат:

-Движењето на огромните камиони натоварени со дрва претставуваат ризик за движењето на останатите возила по патот бидејќи истиот е широк само пет метри, што прави невозможно да се размине со било кое друго возило кога по патот се движи огромен камион. Фактот што станува збор за планински пат со многу кривини, на него речиси и да нема опција возилата да се тргнат на страна или да завртат со цел да се разминат. Освен концесионери, на овој пат има и дрвокрадци, во групи од најмалку пет лица, најчесто користат огромни камиони и возила кои ниту имаат регистарски таблички, а ниту се регистрирани и се злоупотребуваат малолетни лица во целиот процес на нелегална сеча и кражба на дрва. Овие лица не носат со себе документ за лична идентификација, опасни се за околната доколку почуствуваат закана и се вооружени, велат тие.

Токму поради ова тие велат дека овој пат веќе не е функционален за обични возила по масовното уништување на патот по кој возат тешки моторни возила (камиони) кои тежат и преку 30 тона, а кои пренесуваат огревно дрво по овој пат, кој всушност е планински и по него е предвидено да се движат возила со максимална тежина до пет тона, велат тие и додаваат дека сликата околу селото е тажна, поради масакрот на дрвјата.

„Околу селото Дренок се случува масакр на шумите и буквално никој не презема ништо, се е поставено во функција на задоволување на интересите на концесионерите и уништување на патот, а од сето тоа прилично добро профитираат дрвокрадците кој одлично ги користат дупките во Законите. Секојдневно се сечат дрва и по патот се симнуваат најмалку по пет камиони дневно претоварени со дрва, планината се соголува, постои опасност од свлечишта, загрозени се изворите, постои ризик од сообраќајна незгода бидејќи патот не е предвиден за движење на огромни камиони, а прашање на време е кога патот ќе биде целосно нефункционален за сообраќај, се вели во нивното соопштение.

Сонот на Дренчани за спокојно искачување до своето родно огниште постепено исчезнува и возењето на последните четири километри од овој патен правец е претворено во вистински пекол и уништување на сопствените возила.

Жителите и оние со потекло од село Дренок бараат државните и локалните инспекциски служби да излезат на терен и посериозно да се позанимаваат со овој проблем што зема се поголем замав и се заканува целосно да го отсече селото од патна инфраструктура.

-Правдата ја бараме институционално, од каде од одговорните лица или не доставуваат одговори и не постапуваат по барањата доставени до нив, често креваат раменици и се препраќаат да се обратат во друга институција. Размислуваат и на алтернативни решенија преку кои би ги спречиле овие тешки товарни возила да се движат по патот, а концесионерите да ја почитуваат поставената сигнализација. Не се исклучени ниту протести се додека не го сопрат уништувањето на природата и пато, се вели во соопштението.

Дренок неодамна формираше Здружение за обнова на селото, кое ќе биде појдовна основа за сите оние млади ентузијасти и вљубеници во село Дренок да придонесат со цел да се соочат и успешно да ги надминат овие проблеми. Порачуваат дека ќе направат се што е потребно за да го спречат целосното уништување на патот и ќе изнајдат начин да го возобноват пристапот до селото и да го заживеат повторно.