Барселона забранува пушење цигари на плажа, глоба 30 евра – ММС
ММС

Објавено на: 07/1/22 12:54 PM

Барселона забранува пушење цигари на плажа, глоба 30 евра

Градот Барселона од денеска ја спроведува новата одлука за забрана за пушење на плажите во ова туристичко место.

Последниве три месеци граѓаните беа предупредени за оваа нова мерка, која не дозволува цигари на 10 градски плажи. Градот минатото лето направи проба со забрана на четири плажи, па забележано е значително намалување на бројот пушачи на плажите, иако тие што ја прекршиле мерката не биле казнувани.

Барселона е првиот поголем град во Шпанија којшто го забрани пушењето на плажите, но и други градови низ целата земја се стремат кон тоа.

Истражување спроведено од Градскиот совет на административното средиште на Каталонија покажа дека повеќе од 80 отсто од жителите поддржуваат забрана на пушење на плажите.

Пушењето не само што му штети на здравјето на луѓето, туку може да влијае лошо и на животната средина. Догорчињата од цигари се распаѓаат со децении. Истражувањата покажаа дека отпадот од цигарите е најзастапен отпад на плажите на Западното Средоземје, што претставува 25 отсто од сите собрани предмети.

Во Барселона казните за прекршување на новата забрана ќе чинат 30 евра.